Обрван ги одбра шеснаесетмината, Димовски и Митревски на трибините

Репрезентацијата на Македонија својот настап на 24-тото Светско ракометно првенство во Катар ќе го започне без Ванчо Димовски и Никола Митревски.

На техничкиот состанок кој се одржа утринава, нашата делегација ги пријави играчите со кои ќе го започне Мундијалот. Од 18-те ракометари македонскиот селектор Ивица Обрван го одреди составот и ги одбра 16-те со кои ќе го започне првенството, а меѓу нив ги нема играчите на Металург, Ванчо Димовски и Никола Митревски.

Очекувано, Обрван им даде предност на поискусните голмани Борко Ристовски и Петар Ангелов, па чуварот на мрежата на Металург, Никола Митревски, останува на трибините.

Еден од најискусниот играчи во селекцијата Ванчо Димовски исто така натпреварот со Тунис ќе го следи од трибините, а шанса на место од првотимецот ќе добие Никола Марковски, заедно со стандардниот Стојанче Стоилов.

Инаку, според пропозициите секоја репрезентација во текот на првенството има право на направи по само две измени во текот на натпреварувањето.