Обрван „отвори душа“ – физичката подготвеност на дел од ракометарите беше ужасна

Светското ракометно првенство во Катар заврши, но реакциите за истото не стивнуваат.

Исклучок не е ниту нашата репрезентација, па така свое видување за она што се случуваше таму даде и селекторот Ивица Обрван, кој за хрватски „Индекс“ објасни за ситуацијата во македонскиот ракомет.

„Не знам дали знаете, но она што го затекнав во македонската репрезентација е нешто страшно. Ниту македонската, а камоли хрватската јавност немаат поим во каква состојба се играчите на Металург, клуб од која доаѓаат поголемиот број репрезентативци. 13 или 14, кои заедно со Лино Червар беа дел од тој проект, со месеци не одработија ништо што се однесува до тренинг. Дојдоа на репрезентативен собир во распадната состојба, без сознанија што ќе биде со нив, со нивните договори. Од лето не примиле ниту една плата и ќе бидам искрен, стравував што воопшто ќе направиме на ова првенство.

Еве, јас додека ги водев Метковиќ, Медвешчак или Горење на репрезентацијата на Хрватска и испраќав играчи кои беа подготвени како маринци. Додека Лино Червар ми испрати играчи кои изгледаа како издувани балони. Сите овие 20 дена мојот тим и јас вложивме огромни напори тие играчи да ги вратиме во живот. Но, откако ги вративме во живот по нивното враќање во Скопје, ги чекаше нов шок, пет-шест од нив се ставени на трансфер листа. Тие се речиси на улица и прашање е дали ќе може да пронајдат нов клуб. Морав ова да го кажам, затоа што сметам дека е во ред ова да го знае јавноста.

Им симнувам капа на играчите за се што направија. Деветтото место е најголем успех во историјата на Македонија на СП. Против Словенија во осминафиналето едноставно немавме среќа. Промашивме четири седмерци, Шкоф бранеше се, но и ние не бевме на задоволително ниво, пред се во одбраната. Недостасуваше желба за „битка“ со младите и брзи Словенци. Сепак, стигнавме до добар пласман и се уште имаме шанси да дојдеме до квалификациски турнир за ЛОИ во Рио 2016, што беше прва цел“ – истакна Обрван.

Тој коментираше и околу двојниот ангажман и евентуалната понуда за селекторското место во хрватскиот национален тим.

„Во овој момент и натаму сум селектор на Македонија и договорот ми важи до 30 јуни 2015, со можност за продолжување. Започнавме успешно нов циклус квалификации за ЕП во Полска. На добар пат сме трет пат по ред, во мој мандат, да дојдеме до големо натпреварување. По крајот на квалификациите, во јуни ќе мора да седнеме со ракометниот сојуз и ќе видиме на што сме, во каква состојба ќе бидат репрезентативците и ќе одлучиме што и како понатаму. Што се однесува до Шамбери, јас и РФМ се договоривме и претходно ако имам понуда од клуб да прифатам, затоа што не е тоа реткост во ракометниот спорт, бидејќи ми треба секојдневна работа.

Во овој момент не сакам да размислувам за тоа, но сметам дека во хрватскиот ракомет има компетентни луѓе кои можат успешно да ја водат репрезентацијата, а меѓу нив се сметам и самиот себе. Но, моментално имам работа на две места и мислите ми се фокусирани само на тоа. Но, кога некој денеска – утре би ми ја понудил клупата на Хрватска секако дека би прифатил и тоа би ми било чест. Не само што не се сомневаме дека таа работа можам квалитетно да ја работам, туку сум убеден дека на такво нешто бев подготвен и претходно“ – вели Ивица Обрван.