среда, 30 ноември 2016  |  Вести денес: 7

ОБСЕ/ОДИХР ќе ги следи изборите со 334 набљудувачи

Мисијата на ОБСЕ ОДИХР  денеска  го запчна набљудувањето за предвремените парламентарни избори во Македонија на 11 декември.

одихр

Поврзани вести

Шефот на набљудувачката мисија Каетана де Зулуета истакна дека нивниот мандат е усогласување на овие избори со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашната легислатива.

Набљудувачите ќе ги следат регистрацијата на кандидатите и гласачите, изборната кампања, работата на изборната администрација и владините институции, имплементацијата на изборната регулатива и на решавањето на евентуалните изборни спорови. Како дел од набљудувањето, мисијата, како што кажа Де Зулуета, ќе го следи и известувањето на медиумите за кампањата за што ќе бидат изработени квантитативните и квалитативни  извештаи.

Де Зулуета изјави дека главниот тим ќе биде составен од 14 експерти и 20 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат распоредени низ целата земја во тимови започнувајќи од 9 ноември.

Дополнително, како што рече таа, ОДИХР ќе побара земјите членки на ОБСЕ да обезбедат 300 краткорочни набљудувачи кои ќе пристигнат во Македонија неколку дена пред денот на изборите.

Набљудувачите ќе остварат средби со претставници на властите во локалните самоуправи, политичките партии, кандидатите за пратеници, со претставниците на граѓанскиот сектор и на медиумите и со претставници на меѓународната заедница во земјата. Претставници на мисијата вчера разговараа со членовите на ДИК, а имаа средба и во Министерството за надворешни работи.

На денот на изборите набљудувчаите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, пребројувањето на гласовите и сумирањето на резултатите заедно со претставниците на ОБСЕ ОДИХР на денот на изборите ќе бидат и делегациите на Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Де Зулуета кажа дека мисијата ќе објави еден периодичен извештај, изјава за првичните наоди и заклучоци ќе биде објавена на 12 декември, а конечниот извештај треба да се очекува осум недели по завршувањето на изборниот процес.

Најчитани вести