ОБСЕ: Референдумот за статусот на Крим е незаконски

Референдумот за статусот на Крим, што треба да се одржи на 16 март, е во спротивност на Уставот на Украина и треба да се смета за нелегален. Ова го истакнал претседателот на ОБСЕ и министер за надворешни работи на Швајцарија, Дидие Буркхалтер, пренесуваат локалните медиуми, повикувајќи се на соопштение на сајтот на организацијата.

Според Буркхалтер, референдумот за степенот на автономија или независност на Крим треба да се базира на украинскиот Устав и да одговара на принципите на меѓународното право. Тој ги повикува сите заинтересирани страни да се воздржат од неуставни активности и ја исклучи можноста за испраќање на набљудувачи на ОБСЕ на референдумот.

Буркхалтер забележува дека освен неуставниот референдум, има и друга пречка за испраќање на набљудувачи, имено недостатокот на барање од властите во Украина, бидејќи барањето за набљудувачи било испратено од Парламентот во Крим, а не од Киев.