Обучени 120 фармацевти за знаковен јазик, следуваат обуки за 40 толкувачи

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, присуствуваше на доделување на сертификати на обучени фармацевти на знаковен јазик. Во своето обраќање по овој повод Спасов рече дека министерството за труд и социјална политика во своите приоритетите на подолг рок има зацртано обезбедување на можности за социјална сигурност и целосна инклузија на овие лица, нивно активно вклучување на пазарот на трудот, како и целосна интеграција преку олеснување во секојдневниот живот.

“Во овој контекст е и плодната соработка меѓу министерството, Националниот сојуз на глуви и наглуви и Фармацевтската Комора на Република Македонија чиј резултат се успешно реализираните обуки на знаковен јазик за елементарно  совладување на знаковниот јазик (основно или прво ниво) на 120 фармацевти. Сметам дека со овој проект ќе ја постигнеме целта, а тоа е реализирање на повисоко ниво на комуникација помеѓу фармацевтите и глувите лица и со самото тоа подобар квалитет на услугите кои што ќе им ги нудите на глувите лица за што искрено благодарам на поддршката од Фармацевтската комора. Со вашиот ентузијазам да бидете дел од овие обуки, вие изразивте, пред сè добра волја да им помогнете на овие луѓе да се чувствуваат еднакви и немаргинализирани”, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов во своето обраќање и продолжи:

“Во оваа прилика сакам да им честитам на шесте нови толкувачи кои изминатиов период успешно се лиценцираа. Како ресорно министерство преку Комисијата при Националниот сојуз на глуви и наглуви на Македонија активно ќе продолжиме да ги подржуваме обуките за толкувачи на знаковен јазик, со што до крајот на годината очекуваме лиценцирање на дополнителни 40 нови лиценцирани толкувачи. На тој начин на глувите и наглувите лица ќе им се олеснат  секојдневни потреби за комуникација со институциите и значително за три пати ќе се зголеми бројот на лиценцирани толкувачи”.

Спасов на крај потенцираше дека: “кога се во прашање правата и можностите на глувите лица, секоја иницијатива значи нивна потполна поддршка. Тие се рамноправни граѓани на ова општество, а тоа ќе го потврдиме со нови проекти за нивната благосостојба во наредниот период”.