Обучени волонтерки – негувателки во градинките во Општина Карпош

Овој проект, како што соопштија од Општина Карпош, има за цел да им се овозможи на млади девојки, како и повозрасни жени да се стекнат со практично искуство во сферата на детската нега и заштита, кое понатаму би им донело поголеми можности за вработување во институција со соодветната струка која ја поседуваат.

Проектот траеше шест месеци, при што финансискиот надоместок за платите на волонтерските негователки го овозможи УНДП, додека трошоците за обезбедените лиценци ги подмири локалната самоуправа.

Ми претставува  особена чест и задоволство што  овие млади девојки и жени од Карпош, токму преку оваа наша соработка со УНДП се стекнаа со драгоцено искуство, кое многу ќе им помогне во понатамошната професионална кариера. Особено што станува збор за една благородна работа, која изискува многу внимание, посветеност, елан и трпение, како што е воспитувањето и подигнувањето на најмладите генерации. Еден ден, во иднина, токму вашите генерации на деца може да станат идни академици, доктори, адвокати, инжинери, на што особено ќе сте лично горди,  истакна градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

Тој нагласи дека токму овие осум обучени негователки ќе имаат практична предност при вработувањето, бидејќи, како што рече, искуството кое го стекнале, ќе им биде од исклучителна важност при аплицирањето на конкурсите за идно вработување.

Заменик – раководителката на Секторот за дејности од јавен интерес Гордана Стојчевска – Зафировска  нагласи дека Општина Карпош во континуитет го подобрува амбиентот на градинките, како од инфраструктурен, така и од кадровски аспект, се со цел најмалите карпошани да имаат најдобри услови за престој.