Македонија

Обука за безбедност на децата во сообраќајот

Обука за безбедност на децата во сообраќајот

Во рамките на активностите во кампањата за поголема безбедност на ранливите групи во сообраќајот, во основното училиште ”Свети Климент Охридски“ во скопското село Драчево се одржа обука на ученици од петто одделение за безбедно преминување на улица на организирана група ученици, вон и на пешачки премин. Обуката ја извршија припадници на Министерството за внатрешни работи, кои воедно ја промовираа улогата на училишните сообраќајни едници.

На настанот говореа претседателот на РСБСП Стојче Стаменковски и градоначалничката на општина Кисела Вода, Биљана Алексиќ­Беличанец.

Претседателот на РСБСП истакна дека со вакви активности и акции, се покриваат сите целни групи во сообраќајот, со што се постигнува поголема безбедност на патиштата и поголема одговорност кај сите учесници во сообраќајот, особено на најмладите.

Градоначалничката Беличанец, пак, изјави дека општина Кисела Вода континуирано работи на зголемување на безбедноста на улиците и патиштата на својата територија, особено во близина на училиштата и градинките. Воедно соработката помеѓу Републичкиот Совет за Безбедност на Сообраќајот на Патиштата и општината Кисела Вода ја оцени како одлична, и вети уште поголеми заложби во иднина за постигнување на заедничката цел: што помалку жртви во сообраќајот на патишата.

РСБСП и општината Кисела Вода, во рамки на денешниот настан, го реобележаа пешачкиот премин пред училиштето, со што симболично дадоа пример за грижата за безбедноста на најмладите на нашите патишта.

Беше истакнато дека со соодветно поставување и одржување на сообраќајната сигнализација се постигнува поголема безбедност во одвивањето на сообраќајот.

Претседателот на РСБСП ги повика сите општини во Република Македонија да обрнат особено внимание на пешачките премини и останатата хоризонтална и вертикална сигнализација во близина на училиштата и детските градинки, и со тоа активно да учествуваат во зголемувањето на безбедноста на најмладите учесници во сообраќајот.