Македонија

Обука за извршителите за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Обука за извршителите за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Извршителите преку обуки ќе се стекнат со знаење за начинот и постапката на примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер во сферата на извршувањето, што ќе биде од корист за граѓаните и институциите, пренесува МИА.

За таа цел претседателот на Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ) Зоран Петрески и претседателот на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер Пеце Ташевски денеска потпишаа Меморандум за соработка.

– Соработката ќе се одвива во насока на одржување континуирани обуки во врска со спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, а со цел да се подигне јавната свест на целната група со овој Закон, како и со правата и обврските кои произлегуваат од него, рече Ташевски.

Потпишувањето на Меморандумот, како што истакна Петрески, е можност извршителите да се стекнат со дополнителни знаења и обуки кои ќе ги изврши Комисијата за слободен пристап до информации од јавен карактер и дополнително ќе се овозможи правилен пристап кон граѓаните кои се заинтересирани да дојдат до потребните информации.

– Слободниот пристап до информации се уште е „баук“ во Македонија и не сите граѓани и институции го познаваат законот. Од тие  причини сметаме дека извршителите и канцелариите на извршителите, како и самата Комора на извршители, треба да стекнат дополнително знаење кое ќе им го пренесе преку обуки Комисијата, рече Петрески и додаде дека на тој начин ќе бидат сигурни дека на барањата на граѓаните ќе бидат подготвени да одговорат.

Дефинитивно, како што посочи, секоја информација не е од јавен карактер и токму овие обуки треба да им помогнат на извршителите. – Постојат информации кои се извршителска тајна, но постојат и информации кои се од јавен карактер и тие граѓаните треба да ги добијат, рече претседателот на КИРМ.

Тој додаде дека понекогаш имале  дилеми дали треба или не да дадат одредена информација, но оти кога се наоѓале во таква ситуација се консултирале со Комисијата.

– Постојат информации кои може да ги добијат само странки, односно лица кои се учесници во конкретен предмет или постапка, но постојат и информации кои се од јавен карактер и се дефинирани со Законот за слободен пристап до информации и тие ќе треба да ги дадеме на граѓаните, рече Петрески.

Во Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер има службени лица за постапување од јавен карактер, кои, како што рече Ташевски, се достапни и даваат помош на граѓаните и на институциите.

– Комисијата има обврска да помогне и да упати на правилен начин како да се побара информацијата и како може да се добие од одредена институција. Секој може да побара од секоја институција информација која е од јавен карактер, а во секоја институција има службени лица кои се должни да постапуваат по однос на Законот, рече Ташевски.

Во случај ако некоја институција не дава одредена информација, како што појасни, секоја граѓанин и сите правни лица имаат можност  да поднесат жалба до Комисијата доколку во законски определениот рок од 30 дена не добијат одредена информација.

– Извештајот од последната година покажува дека има 136 жалби од граѓани по основ на недобивање одредена информација. По добивањето на тие жалби најчесто Комисијата интервенира и во најголем процент се добиени, нагласи Ташевски.

фото: МИА