Обука за заштита на правата од интелектуална сопственост

обука

Обуката е во рамки на ЕУ Твининг проектот „Зајакнување на спроведување на правата од интелектуална сопственост“, организирана од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во соработка со Државниот завод за индустриска сопственост и данската Канцеларија за патенти и трговски марки. Проектот ќе трае 19 месеци и е финансиран од ЕУ.

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска изјави дека на обуките најновите случувања од областа ќе ги презентираат експерти од највисоко ниво, судии во врховните судови на Латвија, Романија, Италија, Данска, јавни обвинители и експерти, полицајци и експерти од данската Канцеларија за патенти и трговски марки.

– Обуките и целите на проектот соодветствуваат со последниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, што препорачува зајакнување на кривичното гонење во оваа област, подигнување на јавната свест и обезбедување координација на сите органи што учествуваат во спроведување на законодавството од областа, рече Арнаудовска.

Посочи дека на обуките ќе бидат опфатени граѓанско правни теми поврзани со измами и компјутерски криминал, заштитата на трговските марки, трговските марки на интернет, на авторските права и дизајн, пресметувањето на надомест на штета и конфликти меѓу имиња и домејни.

Постојаниот твининг советник Јане Хедегард рече дека проектот има за цел поддршка на јакнењето на спроведувањето на правата од интелектуална сопственост, но и зголемување на јавната свест и бизнис заедницата за потребата и придобивките од заштитата на интелектуална сопственост.

– Тоа е долготраен процес, но веруваме дека правата од интелектуална сопственост се основа за иновации и здраво општество и ако можете да ги заштитите своите права тогаш можете да правите повеќе иновации и добар бизнис во државата. Затоа проектот предвидува многу обуки и споделување искуства меѓу земјите членки на ЕУ и Македонија, рече Хедегард.

Според Зане Петерсон, судијка на Одделот за граѓански случаи на Врховниот суд на Летонија, заштитата на интелектуалната сопственост е една од најзначајните области во моментот, како во Македонија и Летонија, така и во целиот свет.

– Ова е една од најсериозните области на криминал во светот во овој момент. Ова е област што се развива најбрзо од сите и помага да се финансираат и други области на криминал. Затоа е многу важно за судството, царината и обвинителството да бидат обучени и што подобро запознаени со оваа тема, рече Петерсон.

На дводневната обука присуствуваат судии од граѓанските оддели и одделите за трговски спорови, претставници на Државниот завод за индустриска сопственост, независни економски експерти-вештаци, застапници за правата од интелектуална сопственост и претставници на други релевантни институции.