Обуки и субвенционирано вработување за 440 невработени лица

Сите заинтересирани невработени лица, но и компании кои имаат потреба од отворање нови работни места од денеска можат да се пријават за мерката Обука на работно место со сувенционирано вработување. Невработените ќе посетуваат тримесечна обука кај познат работодавач, кој потоа е должен да ги задржи на работа уште шест месеци.

Средствата и за обуката како и за платата на нововработените ги субвенционира Агенцијата за вработување на Република Македонија. За мерката за годинава се предвидени 62 милиони и 40 илјади денари, а ќе бидат опфатени 440 невработени лица.

– Мерката е наменета за лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд и лица кои имаат потреба од дополнителни знаења и вештини, како и за компании кои имаат потреба од проширување, од нови работни места, но, поради спецификата на работното место не можат да најдат соодветен кадар, рече на денешната прес-конференција директорот на АВРМ Влатко Поповски.

Тој појасни дека за време на обуката невработеното лице добива паричен надомест од 9.000 денари месечно, во кои е вклучено и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. По завршување на обуката на работното место, работодавачот е обврзан да ги вработи сите обучени лица за што ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка за бруто плата во износ од 19.000 денари месечно за период од 6 месеци со полно работно време од кои 17.000 денари бруто плата за невработеното лице и 2.000 денари ги задржува работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес.

На корисниците на паричен надоместок ќе им мирува правото до завршување на обуката, додека корисниците на социјална помош ќе продолжат да добиваат парична помош во текот на обуката, при што вкупното времетраење на примање на субвенција не може да надмине 18 месеци. Ако корисникот е отпуштен пред истекот на субвенционираната програма, тој има право да се врати во регистарот на корисници на социјална помош.

Во изминатиот период од 2013 до 2016 година со оваа мерка биле опфатени 984 невработени лица, од кои 863 се се уште на работа. Од нив 468 се жени, а 454 млади до 29 години.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.