Обуки за стимулирање на децата со потешкотии во развој во „Срничка“

На 12-ти и 13-ти мај во градинката „Срничка“ се спроведе обука за воспитниот кадар на градинката на тема: „Проценка и идентификација на потребите на децата со тешкотии во развојот“.

Овие обуки се фокусираат на унапредување на инклузивните практики во раното детство. Првата обука ги воведе учесниците во основите на инклузивните процеси и ги запозна со научниот концепт и правната рамка на инклузијата. Втората обука е поспецифична, со оглед на тоа дека  спроведувањето на инклузивните процеси бара внимателна анализа на развојните потреби кај децата, кои имаат тешкотии во раното учење, а тоа бара одредени вештини на воспитниот персонал за објективност при идентификацијата на потребите на сите деца, вклучувајќи ги и децата со тешкотии во развојот.

Објективност во проценките на развојните достигнувања и анализа на тешкотиите, со кои се соочуваат децата во постигнувањата на развојните цели,  кај секое дете индивидуално, е основа за правилна и навремена идентификација на тешкотиите, кои може во најголем број случаи да се компензираат со флексибилни стратегии за подучување и универзален пристап во раното учење, а само кај мал дел е потребна дополнителна поддршка на специјализиран персонал или специјализирани здравствени и социјални институции, кои може да влијаат на подобрување на здравствената состојба или социјалната сигурност на децата и семејствата.

Тоа е, всушност, и основата на раната интервенција, за која имаат мандат предучилишните установи каде децата најдолго време престојуваат и се под надзор на персонал што добро ги познава педагошките практики за стимулирање на развојот кај секое дете, па и кај децата, кај кои се идентификуваат одредени тешкотии.