Обвинетите за инцидентите во Собранието добија условни казни

Деветмината обвинети за насилството во Собранието денеска беа осудени на условни казни за делото за кое се товареа – учество во толпа која ќе спречи службено лице во извршување на службена должност. Осуммина од нив добија условна казна од шест месеци доколку во рок од година и половина не го повторат делото, а само еден од обвинетите доби условна казна од година и шест месеци доколку во рок од 5 години не го повтори делото.

Сите обвинети претходно пред Судот се изјаснија за виновни за делото.

Адвокатите на обвинетите побараа поблаги казни со оглед на околностите, а социјалната, здравстената и финансиската состојба на обвинетите беше доволен мотив за судиите да им изречат условни казни.

Судијката Милка Ангеловска – Васевска при соопштување на пресудата рече дека тие се виновни за делото поради тоа што, како опиша, ја урнале заштитната ограда на Собранието, потоа на влезот од зградата се туркале со полицијата, а откако успеале да влезат во законодавниот дом се упатиле кон прес- центарот, каде употребиле клоци и тупаници кон лицата од обезбедувањето со цел да пристапат во просторијата.

Судот воедно со пресудата го укина и притворот на осудените на кои претходно им беше изречена таква мерка.