Обвинетите за случувањата во Собранието утре пред суд

Во Кривичниот суд во Скопје утре почнува нова постапка за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година.

Предметот ќе го води судијката од организиран криминал Добрила Кацарска.

Јавното обвинителство на Република Македонија, во март годинава објави дека е поднесен обвинителен акт против 30 лица, од кои 28 за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл.313 од Кривичниот законик, а две лица за помагање при вршење на истото кривично дело. Според ЈОРМ, со обвинителниот акт се опфатени три лица, припадници на структурите на Министерството за внатрешни работи, кои како овластени службени лица биле носители на „златна“ и „сребрена“ команда, како и лица кои биле учесници во друга група, како организатори на движењето „За заедничка Македонија“.

Основниот суд Скопје 1, на 28 јуни годинава, информираше дека првата главна расправа по предметот, поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието, е закажана за 22 август годинава во 10:00 часот, а за следниот период се закажани вкупно 37 термини за главна расправа, за што веќе се изготвуваат наредби за спровод за обвинетите кои се наоѓаат во куќен притвор како и покани за останатите странки во предметот.

Обвинителот Дарко Јакимовски, кој го застапуваше обвинението за обидот за убиство на Зијадин Села, на едно од последните рочишта за првиот случај, најави дека е можно проширување на истрагата и против други лица, поради како што тогаш кажа, обезбедени нови докази за случувањата во Собранието.

Судијката Славица Андреевска на 5 јули годинава ги изрече пресудите за седуммината обвинети за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села во Собранието на 27 април минатата година. Кире Ѓорѓиевски доби затворска казна од 13 години, Андреј Мицов 10 години и шест месеци, Оливер Ошавковски 10 години и шест месеци, Николче Димитриевски 10 години и шест месеци, Александар Јаневски – Тошта 13 години, Никола Војминовски 13 години и шест месеци и Коста Делев 10 години и шест месеци.

Претходно, судот ги осуди Стојан Павлевски на три години и Цејо Георгиевски на една година и два месеци затвор, додека ЈО го повлече обвинението против Сашо Сенков.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.