Обвинителство: 150 Руси дојдоа во Марсеј само за да предизвикаат нереди

Обвинителот во Марсеј Брис Робен вели дека 150 тренирани руски хулигани дошле во градот само за да направат нереди за време на Европското Првенство во фудбал.

Тие се подготвени за хипер-брзи, насилни операции. Тоа е нешто налик на урбана герила, мошне е тешко со нив, рече Робен на конференција за новинари.

Поради насилството во текот на викендот во Марсеј се уапсени 20 лица, од кои десетмина се Руси. Шестмина Британци, тројца Французи и еден Австриец. Робен сепак рече дека ниту еден од тие 150 лица „неможе да биде уапсен“.

За време на нередите во Марсеј повредени се околу 35 лица, од кои четворица потешко.

Речиси сите повредени се британски државјани, рече Робен.

Старото пристаниште во Марсеј беше местото каде што дојде до конфликт меѓу руските и англиските навивачи пред натпреварот на фудбалските репрезентации на двете земји.

Имаше насилства и на стадионот Велодром, веднаш по завршувањето на натпреварот.