Македонија,Крими хроника

Обвинителство спроведе постапка против 7 лица во Управата за животна средина

Обвинителство спроведе постапка против 7 лица во  Управата за животна средина

Основното јавно обвинителство – Скопје, постапувајќи по кривична пријава на Одделението за сузбивање организиран криминал во МВР, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 7 лица, поради постоење основано сомневање дека извршиле кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.

Првообвинетиот како поттикнувач, а останатите како соизвршители се товарат дека сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи истите во временски период од 2009 година до 2013 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ист траен однос и прилики.

Првообвинетиот управител на правното лице, со умисла ги поттикнал останатите обвинети, како службени лица вработени во Управа за животна средина при Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ, да ја искористат својата службена положба и овластување и да му прибават на правното лице значителна имотна корист во вкупен износ од 626.758.506,00 денари, во постапките за добивање дозволи за складирање, третман и/или преработка на отпад и дозвола за оператор на депонија, иако не ги исполнувал потребните услови.

Имено, првообвинетиот на 24.09.2009 година до Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ поднесол барање за добивање на дозвола за складирање, третман и/или преработка на отпад во кое внесол лажни податоци и не приложил комплетна документација, со што ги навел второобвинетиот, шестообвинетиот и седмообвинетиот да ја искористат својата службена положба и овластување со намера правното лице да прибави значителна имотна корист на начин што постапувајќи по барањето го прифатиле како уредно и покрај тоа што не била доставена целосна законски предвидената документација согласно чл.32 од Закон за управување со отпадот и чл.3 од Правнилникот за формата и содржината на барањето за добивање дозвола за складирање, третман и/или преработка на отпад и без да извршат инспекциски надзор со државен инспектор за животна средина согласно чл.3-а ст.1 и ст.2 од Правнилникот за формата и содржината на барањето за добивање дозвола за складирање, третман и/или преработка на отпад, петтообвинетиот изготвил, второобвинетиот проверил, седмообвинетиот одобрил, а шестообвинетиот го потпишал позитивното мислење, врз основа на кое Министерството за животна средина и просторно планирање на правното лице му издало дозвола за вршење на дејност складирање и третман и/или преработка на отпад.

Исто така првообвинетиот на 03.12.2010 година до Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ поднесол барање за добивање на дозвола за оператор на депонија во кое внесол лажни податоци и приложил документација од правното лице, со што ги навел второобвинетиот, третообвинетата, петтообвинетиот и шестообвинетиот да ја искористат својата службена положба и овластување со намера правното лице да прибави значителна имотна корист на начин што постапувајќи по барањето го прифатиле како уредно и покрај тоа што не била доставена целосна законски предвидената документација согласно чл.3 од Правилникот за формата и содржината на барањето за добивање на дозвола за оператор на депонија, второобвинетиот изготвил, третообвинетата одобрила, а шестообвинетиот потпишал позитивно мислење, врз основа на кое било изготвено решение за издавање дозвола оператор на депонија и Министерството за животна средина и просторно планирање на правното лице му издало дозвола за вршење на дејност оператор на депонија.

Воедно, во постапката за издавање дозвола за складирање, третман и/или преработка на отпад во Министерството за животна средина и просторно планирање првообвинетиот со умисла ги навел второобвинетиот, третообвинетата, четвртообвинетиот и петтообвинетиот да ја искористат својата службена положба и овластување со намера правното лице да прибави значителна имотна корист на начин што првообвинетиот на 14.12.2012 година поднесол барање за добивање на дозвола за складирање, третман и/или преработка на отпад, и во таа постапката петтообвинетиот и второобвинетиот извршиле инспекциски надзор без да присуствува државен инспектор за животна средина и составиле записник, спротивно на чл.3 –а ст.1 и ст.2 од правилникот за формата и содржината на дозволата какои и минималните технички услови за вршење на дејноста преработка, третман и/или складирање на отпад, па врз основа на записникот и приложената документација кон барањето, петтообвинетиот подготвил, второобвинетиот одобрил, третообвинетата била согласна, а четвртообвинетиот потпишал позитивно мислење, врз основа на кое Министерството за животна средина и просторно планирање на правното лице му издало дозвола за вршење на дејност складирање и третман на отпад.

Основното јавно обвинителство, откако ги сослуша осомничените лица, на 13.01.2014 година до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе предлог за изрекување мерка притвор за прво и второ осомничените, како и предлог за изрекување мерки за претпазливост за тројца од другите осомничени и тоа забрана за напуштање на живеалиште или престојувалиште, обврска за повремено јавување кај службено лице во судот и одземање на патните исправи, додека за двајца од овие тројца осомничени предложена е и мерката забрана за преземање одредени работни активности кои се поврзани со кривичното дело. Воедно до судот е доставен и предлог за привремено одземање на имот и предмети заради обезбедување.

Во тек е и преэемањето на истражните дејствија по овој предмет.​