Обвинителството го истражува пожарот во Велес во кој загинаа три деца

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес вчера извршил увид во куќата под ридот Вршник во Велес, каде во пожар во куќа загинаа три деца на возраст од четири, две и една година.

Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата, две сестри и еден брат, и заминале во продавница. За тоа време, од засега непознати причини, избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.

Јавниот обвинител издал наредби за обдукција на починатите деца и продолжува со постапката за утврдување на причините на несреќата.

Според „СДК“, децата во критичните моменти биле сами дома, бидејќи родителите отишле да купат јадење. Огнот го забележале соседите околу 15.30 часот и веднаш повикале пожарна и лекарска екипа. Пожарникарите стигнале во 16.05 часот, а огнот бил локализиран во 18 часот. Пожарникарите интервенирале со две помали возила. По нив набргу пристигнала и екипа од Итната медицинска служба, јавува „СДК“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.