Обвинителството изврши увид на местото на сообраќајката во Радовиш

Основен јавен обвинител од ОЈО Радовиш вчера во текот на доцните попладневни часови изврши увид на местото каде се случи сообраќајна несреќа во која загинаа двајца мигранти, а 21 беа повредени.

До несреќата дошло кога ТМВ „Ивеко“ со скопски регистарски таблички со кое илегално се превезувале 23 мигранти од Бангладеш и Шри Ланка, движејќи се на магистралниот пат А-4 во правец од Радовиш кон Штип, излетало од коловозната лента и со предниот дел удрило во метална ограда од надвозник. Од ударот металната ограда се скршила и го пробила возилото навлегувајќи и во товарниот простор од истото каде биле сместени мигрантите, при тоа две лица починале, шест се здобиле со тешки телесни повреди, а 15 лица со телесни повреди. По несреќата, возачот на возилото се упатил во непознат правец, велат од ОЈО.

Надлежниот јавен обвинител издал  наредба за преземање на дејствија за пронаоѓање на лицето што управувало со возилото, наредба за сообраќајно- техничко вештачење на возилото, наредба за обдукција на двете починати лица, како и наредба за идентификација на останатите мигранти.

При увидот фиксирани се пронајдените траги, местото на настанот е скицирано и фотографирано, извршен е преглед на оштетувањата на возилото со кое се пренесувале миграните и подигнати се траги од биолошко потекло. По пружената медицинска помош дел од лицата се сослушани и сместени во прифатниот центар во Гази Баба, а дел задржани на болничко лекување во ЈЗУ Клиничка болница Штип, соопштија од ОЈО.