Крими хроника

откако медиумите предупредија за сомнителна јавна набавка во здравството Обвинителството оформи предмет по допрен глас за тендерите во Министерството за здравство

Обвинителството оформи предмет по допрен глас за тендерите во Министерството за здравство

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе предистражна постапка по допрен глас, заради постоење на индиции за повреда на законот при постапките на доделување договори за јавни набавки во Министерството за здравство.

Како што се наведува во соопштението од ОЈО, предистражната постапка е резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со неправилностите при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство.

Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари. ОЈО, како што се посочува, ги презема сите потребни дејствија и координација со институциите надлежни за откривање на овој вид кривични дела.

Контроверзниот тендер, за кој „Лидер“ пишува уште од мај годинава, вреди околу 35 милиони евра а на него конкурирала само компанијата „АХР ЛАБ увоз – извоз ДООЕЛ“, која е во сопственост на Предраг Петриќ од Нови Сад, а директор во Македонија и е извесен Александар Јовановски викан Жути од Гази Баба.

Се работи за исклучително сомнителен тендер, ако се има предвид дека компанијата ќе добие монопол над целиот пазар со апарати и реагенси за испитување на крв во сите Јавни здравствени установи во Република Македонија.

Дополнително скандалозно е што во самата тендерска документација беа наведени спецификации за модел на апарати кои одговараат само на еден производител, АБОТ, иако на пазарот има уште десетици модели за апарати за испитување на крв.

Проверката во централниот регистар покажува дека компанијата која го добива тендерот е регистрирана на 18.04.2018 што консолидира со периодот во кој беше отворен техничкиот дијалог за тендерот. Оваа компанија која ја водат млади луѓе, нема никакво искуство во овој сектор, ниту пак било кога се занимавала со медицинска опрема.

Александар Јовановски – Жути е управител на компанијата која го добива тендерот. Да биде ситуацијата уште поинтересна, компанијата нема веб страница, а лицата поврзани со неа нигде не се јавуваат во медицинскиот сектор. Официјалната имеил адреса во Централниот Регистар, каде се наведува контакт е „[email protected]”, а нигде не е оставен телефонски контакт преку кој би можеле да ги побараме и да добиеме било каков коментар поврзан со ова истражување.

Предраг Петриќ, 27 годишен државјанин на Србија кој е сопственик на компанијата која доби 35 милиони евра тендер.

Според неофицијалните информации до кои дојде Лидер, зад целата оваа шема стои еден познат бизнисмен кој се бави со трговија и производство на масло а е исклучително близок до власта.

„АХР ЛАБ увоз – извоз ДООЕЛ“ воопшто не е ни застапник на брендот „АБОТ“ од кој се набавуваат апаратите, а како што неофицијално дознаваме, токму локалниот застапник на „АБОТ“, ќе биде компензиран со провизија за набавката и паушал за одржување апаратите, затоа што воопшто не учествувал на тендерот.

Како што неофицијално се дознава, реагенсите ќе бидат набавувани од грчката компанија „Пегасус“, која исто така не учествуваше на тендерот.

Досега секоја болница сама си набавуваше реагенси и имаше десетина компании кои беа активни на пазарот, но откако минатиот месец министерот Венко Филипче им забрани на болниците сами да набавуваат реагенси за нивните лаборатории, се отвора голем скандал, затоа што сега парите ќе ги добива само компанијата „АХР ЛАБ увоз-извоз“, а нив нема да ги плати министерството туку болниците и тоа за апарати кои во најголем дел од случаите нема да бидат исталирани во нивните болници туку болниците само ќе ги користат.

Старите апарати кои се користат во моментов, ќе се стават надвор од употреба, иако најголем дел од нив се функционални и не се долго користени, а новите ќе бидат исталирани на помалку места од претходно и компанијата добитник на тендерот ќе биде задолжена низ Македонија да ги транспортира примероците со крв за да се направат биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациски и гасни анализи.

Во моментов во речиси сите болници во Република Македонија се прават имунолошки анализи (околу 85 болници), но со новиот тендер за кој горе наведените млади луѓе добија 35 милиони евра, ќе се набават само 3 апарати кои ќе работат за цела држава, а останатите ќе бидат ставени надвор од функција.

Овие три апарати најверојатно ќе се стават во големите центри низ Македонија, како Скопје, Битола, Охрид или Штип, а до таму, компанијата добитник на тендерот ќе ги носи примероците на крв, со што примероците на крв се ставаат во ризик.