Обвинителството поседува докази дека обвинетите од Дива Населба го извршиле и нападот на Гошинце

Под силно полициско обезбедување, во Основниот суд Скопје 1, почна судењето против 29 обвинети за терористичките напади извршени на 9 мај 2015 во кумановската Дива населба.

Дел од адвокатите побарале судскиот процес да се одложи со образложение дека обвинението треба да го застапува специјалната обвинителка Катица Јанева. Судскиот совет не го прифати предлогот на бранителите и судењето започна.

Застапникот на обвинението во воведен говор наведе дека обвинителството ќе докаже дека 29-те лица обвинети за тероризам и терористичка организација ги сториле кривичните дела.

Од доказите приложени кон обвинението, обвинителството има намера да докаже дека на 21.04.2015 година група вооружени и маскирани лица ја нападнале полициската станица во Гошинце и совладале четворица полицајци кои извршувале службени задачи. Полицијаците биле врзани од вооружени лица во црни униформи со ознаки на УЧК. Вооружените лица насилно ја отворале и ја проверувале караулата во Гошинце за да го најдат оружјето. По овој настан, припадниците на Единицата за специјални задачи на 9 мај 2015 година во кумановската Дива населба требало да извршат претрес во неколку објекти во врска со случајот од караулата во Гошинце. Претресот бил за да се пронајдат лица инволвирани во инцидентот во Гошинце. Кога припадниците на ЕСЗ се доближиле кон објектот, лицата од криминално-терористичката група фрлиле рачна бомба. Нападот продолжил и траел 42 часа. Во нападите загинаа 8 припадници на МВР, рече пред судот застапникот на обвинението.

Според обвинителот, доказите за докажување на обвинението покажале дека терористичката група била поделена на три нивоа – командна структура со лица од Косово, логистика, која обезбедувала помош за сместување од Македонија, и членови на групата.

Тој додаде дека Обвинителството ќе докаже дека лицата од криминално – терористичката група кога ги сториле делата биле пресметливи и дејствувале со умисла. Делото било извршено по долго подготвување, а обвинителството доказите ги поделило во две групи. Во првиот класер се доказите кои покажуваат дека обвинетите ги сториле дејствијата од нападот во Гошинце, а во остнатите класери се доказите за случувањата од 9 и 10 мај во кумановската Дива населба.

во рамки на денешното судење, на обвинетите им беше прочитано Обвинението што се состои од над 250 страници. Во него се внесени случувања од јануари минатата година кога сега починатите Мирсад Ндрецај и Бег Ризај заедно со обвинетите Анди Красниќи со прекар “командант Малишева“, Мухамед Красниќи, Сами Укшини и Деме Шеху, Зијадин Красниќи ја форимирале групата која требало да се занимава со криминално-терористисчки активности. Подоцна кон оваа група ќе се приклучат помеѓу 35 и 40 други лица.

Ноќта меѓу 21. и 22., април , Ндрецај и Ризај, заедно со обвинетите Валдет Зекај, Деме Шеху и уште неколку други лица илеглано ја преминале македонско-косовската државна граница и се нашле на македноска територија каде биле пречекани од обвинетите Насуф Бекири, Фејзула Рушитовски и сега недостапниот Сулејман Осман.

Утрината, некаде по два часот, групата упаднала во граничната караула Гошинце. Тие ги совладале четворицата припадници на МВР, а од караулата заминале носејќи со себе 65 автоматски пушки, три пушкомитралези, две полуавтоматски пушки со снајпер, 50-тина пиштоли и повеќе од 15.000 парчиња муниција, еден дурбин и термовизиска камера и друга опрема.

На втори мај, а делувајќи според однапред изготвениот и договорен план, повеќе од 35 припадници на терористичката група влегле на македонска територија, а тука биле прифатени од десетмина македонски државјани кои одржувале блиски врски со лицата дојдени од Косово.

Со три возила групата била префрлена во Куманово, а потоа припадниците на групата биле сместени во неколку станбени објекти во населбата Дива населба. Пресметката со полицијата, како што тврди Јавнот обивинтелство, започнала на девети мај во 4,30 часот, односно по обидот на полицијата да изврши претрес во стан на улицата „Перо Илиевски“, во Куманово.