Обвинителството работи на идентификација на лицата кои извршиле кривични дела во Собранието

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопшти во сабоата дека е во постојана комуникација со Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со идентификација на учесниците во немирите кои се случија во Собранието на Република Македонија во четртокот вечерта, како и дека до овој момент не е поставена правна квалификација на извршените кривични дела.

„Дежурните јавни обвинители редовно се известувани за текот на настаните и даваат насоки за натамошното постапување на полицијата“, стои во соопштението на ОЈО Скопје објавено на неговата интернет страница.

При прием на информации, согласно на поединечните настани, се преземаат конкретни мерки и дејствија, се додва восоопштението.

„Поради обемноста во постапувањето на обвинителството до овој момент се вклучени шест јавни обвинители, но согласно потребите бројката вклучени јавни обвинители се очекува да се зголеми, во насока на брзо и ефикасно расветлување на овие кривично правни настани“, додават од обвинителството.

До овој момент, како што информираат, не е поставена правна квалификација на извршените кривични дела.

„Поставувањето на конкретната правна квалификација за секое лице за кое ќе се утврди дека сторило кривично дело ќе биде сторено откако ќе се собере потребниот доказен материјал одделно за секое лице инволвирано во кривично правните настани и по утврдување на фактите. Оттука, ја известуваме јавноста дека ОЈО Скопје нема направено никаква преквалификација на кое било кривично дело и дека досега објавените информации во дел од медиумите се шпекулација“, се истакнува уште во споменатото соопштението.

Посочуваат дека бројот на лицата лишени од слобода, конкретните дејствија на истражните органи, како и натамошните дејствија коишто ќе бидат преземени, јавното обвинителство ќе ѝ ги соопшти на јавноста кога ќе се создадат услови за тоа и откако надлежните јавни обвинители ќе завршат со првично утврдување на фактите.