Обвинувања дека турски мотоциклистички банди во Германија ги гонат критичарите на Ердоган

Германскиот телевизиски водител Јан Боемерман се наоѓа на ударот на мотоциклистичката банда „Османлии на Германија“ (Osmanen Germania), поради неговите критики на сметка на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, а постојат индиции дека налогот за прогонот на Боемерман дошол од Турција, пишуваат во саботата германските медиуми.

Според податоците на јавниот сервис ZDF и дневниот весник Stuttgarter Nachrichten, криминална мотоциклистичка банда „Османлии на Германија“ добила налог од Унијата на европско-турските демократи од Манхајм, која се сметаат за неофицијален огранок на Партијата на правдата и развојот(AKP) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, да го „казни“ Јан Боермерман поради неговите зачестени „навреди“ на сметка на турскиот лидер.

Откако иследници дошле до овие сознанија,м властите го предупредиле Боермерман да се засолни во странство.

Според сознанијата на иследниците, „Османлиите на Германија“ стојат и зад бројни други напади на организациите кои критички се однесуваат кон турскиот претседател. Така неодамна е извршен бомбашки напад врз еден курдски клуб, за што се сомничат припадници на оваа мотоциклистичка банда.

„Активностите на ‘Османлиите на Германија’ се насочени во насока на застрашување на организациите и личностите кои изразуваат критики на сметка на актуелната политика во Турција“ изјавил за ZDF шефот на Бирото за заштита на уставниот поредок (VfB) во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, Букард Фрејер.

Според наводите на истрагата, како што пренесува ZDF, „Османлиите“ парите за нивните акции ги добиваат директно од Турција, и притоа се наведува името на еден турски пратеник.

Јан Боемерман во март 2016 година во својата емисија „NEO Royale” Ердоган индиректно го поврза со содомија, по што Турција подигна тужба против телевизискиот водител која по неколку месеци германскиот суд ја отфрли.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.