Оценките од екстерното сепак ќе влијаат за упис во средно и на факултет

Оценките кои учениците ќе ги добиваат при процесот на екстерното тестирање од следната учебна година нема да влијаат на постигнатиот просечен успех и нема да се впишуваат во свидетелствата. Тие ќе бидат евидентирани во посебен документ – додаток на свидетелство, а согласно усвоените законски измени и натаму ќе бидат услов за продолжување на процесот на образование, односно ќе бидат критериум кој ќе создава конкуренција при упис во средно училиште или на факултет.

-Екстерното тестирање продолжува да биде задолжително, но на два различни документа ќе се запишуваат оценките. И двата документа ќе бидат задолжителен елемент при упис на ученикот и од нив потоа ќе се вади систем на бодување. Теоретски ако два ученика имаат идентичен просек од сите оценки во свидетелствата, да речеме 5.00, одлучно за упис ќе биде кој ученик има подобри оценки на екстерното тестирање. Со тоа, се задржува значењето на оценките од екстерното,  појасни заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски во денешното интервју за ТВ Нова.

Инаку, на вчерашната собраниска седница пратениците усвоија неколку измени на законите за основното и средното образование, кои според предлагачот – Владата на Република Македонија ќе овозможат стимулација на квалитетот на екстерното тестирање и воопшто на образовниот систем во земјата.

Освен споменатата, меѓу позначајните новини поврзани со екстерното тестирање е и тоа што од следната година од овој процес ќе бидат изземени учениците од четврто и петто одделение. На годишно ниво ќе се врши ревизија и ажурирање на прашањата од страна на комисија составена од двајца наставници и еден универзитетски професор, која, по пат на јавен оглас за секој поединечен предмет ќе ја формира имплементаторот на овој процес, Државниот испитен центар. Преку јавен оглас ќе се бираат и набљудувачите кои непосредно го следат спроведувањето на процесот, а ќе биде воведена и апликација која ќе генерира пробни тестови, со цел учениците да можат да го проверуваат своето знаење.

Измените во најголем дел беа најавени кон крајот на минатата година од поранешниот премиер и претседател на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.