Очната клиника ги демантира тврдењата на СДСМ

Универзитетската клиника за очни болести денес ги демантира тврдењата на СДСМ и информира дека оперативниот блок во Клиниката не е затворен и работи со редовен оперативен програм.

-Демантираме и за наводно загадување на препаратот авастин, зашто тој се користи исклучиво по строг медицински и светски утврден протокол.Демантираме дека досега постојат т.н 15 оперирани пациенти кои се соочуваат со сериозна инфекција на очите. Исто така, одлучно ги негираме изнесените тврдења за т.н несоодветни болнички услови, ниту пак податокот дека во нашата клиника се употребуваат т.н загадени препарати за очи. Во интерес на вистината, сакаме да информираме дека само кај неколку пациенти забележана е компликација по спроведени третмани и истото веднаш е пријавено до соодветните надлежни институции и за таа цел, веднаш беше формирана Комисија за стручен надзор, преземени се сите потребни превентивни мерки и пациентите се во добра општа состојба. Повторно ги  информираме нашите пациенти и сите граѓани во Р.Македонија дека работиме вообичаено без прекин на оперативниот програм, се вели во соопштението од Очната клиника.

Оттаму велат дека се изненадени од изнесените невистини и тоа токму во период, како што додаваат, кога има најголем позитивен резултат од работењето на Клиниката.