Од 1 март хартиените детални урбанистички планови заминуваат во историјата

Урбанистичките планови ќе се носат во електронска форма во една фаза од 1 март следната година.

Ова го предвидува новото законско решение за просторно и урбанистичко планирање кое доби поддршка од пратениците во прво читање.

Предлогот го образложи заменик-минситерот за транспорт и врски Ниметула Халими наведувајќи ги предложените измени во Предлог-законот.

Со предложениот закон се поедноставува постапката на урбанистичките планови за селата и за урбаните средини. Прецизно е пропишана потапката за нивното донесување. Детално се разработува постапката за пренамена на земјоделското земјиште, како и скратување на постапката за стратегиска оценка за влијание врз животната средина од 15 на осум дена. Законот внесува и одредба со која се почитува заинтересираноста за поднесување иницијативи за изработување планска документација.

Поддршка на предложеното решение дадоа Стојан Миланов и Лилјана Затуровска, кои го оценија како сеопфатен со суштински измени.

– Предложени измени на единствен начин ја уредуваат областа на урбанистичкото планирање. Владата сосема оправдано оценила дека постојат оправдани услови да се пропише ново законско решение, кое нуди јасни, прецизни и применливи решенија во еден закон, рече Миланов.

Тој додаде дека системски се уредуваат надлежностите и се разграничува поврзаноста на овој со другите закони од областа на урбанизмот.

Меѓу новините го наведе воведување на изработката и донесувањето на урбанистичките планови во електронска форма.

– Првпат се пропишува нов начин и постапка на изработка и донесување урбанистички план преку посебен информациски систем е-урбанизам. Преку оваа крупна промена се напушта досегашната форма на донесување урбанистички планови во хартиена форма. Тоа ќе ја поедностави постапката, а преку системот ќе се поврзат надлежните субјекти вклучени во планската документација, истакна Миланов.

Позитивно го оцени предложениот закон и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека е добар и решава многу спорни работи кои постоеја досега.

Лилјана Затуровска ги оцени како навремени и суштински измени со кои се воведува нов концепт и со кој се поедноставува системот на комуникацијата меѓу институциите.

– Ново законско решение кое навистина е сеопфатно и претставува база на кое се заснова секое урбанистичко планирање, рече Затуровска.

Според неа ваквите законски решенија се носат за да се биде во чекор со модерните времиња и барањата на граѓаните.

Лилјана Поповска од ДОМ оцени дека овој закон не е еколошки. Има некои позитивни, но има и лоши работи.

– Не сум среќна со овој предлог затоа што со него треба да се постигне баланс меѓу хуманото живеење и општините, но ваквото законско решение тоа не го овозможува, рече Поповска.

Според неа тој е направен во интерес на инвеститорите, а не во интерес на општините.

Како добро го посочи тоа што се носи целосен закон и што се дава можност за електронска комуникација во процедурите. – Меѓутоа, има редица лоши работи. Нема „З“ од зеленилото. И понатаму тоа нема да постои за планерите и урбанистите. Во овој закон анкетата е претворена во писмена и електронска комуникација со граѓаните, рече Поповска и додаде дека лошо решение е и ако остане можноста да се носат урбанистичките планови со една третина од гласовите во советите. Најави дека ќе поднесе амандман во втората фаза.

Таа потенцира дека овој закон требало да се донесе по донесување закон за зеленило кој е поднесен и е на последно усогласување.

– Ред ќе беше да се донесе законот за зеленило во кое ќе се определи европскиот стандард и процент на зеленило на секоја градежна парцела. Од осамостојувањето зеленилото е буквално исчезнато и од законите и затоа го иницирам носењето на овој закон, рече Поповска.

На одредбата за можноста да се носат урбанистички планови со една третина гласови од советниците реагираа и Солза Грчева, Роза Топузова Каревска и Рамиз Мерко.

– Најважното што се подметнува е со најмалку една третина од членовите на советот да може да се донесе урбанистички план. Тоа ги уништува демократските процеси. Ова е закон што се прави за само една општина, рече Грчева.

Таа забележа и на одредбата која се однесува на скратувањето на постапката за оценка за влијанието на животната средина бидејќи не се бара при донесување детални урбанистички планови, туку само при носењето на генералниот урбанистички план.

Според Роза Топузова Каревска ова законско решение не е во интерес на граѓаните и не е во насока на децентрализацијата.

– Има многу забелешки, но најсуштински е можноста да се носат урбанистичките планови со една третина, рече Топузова-Каревска.

Според неа предложениот закон има одредени подобрувања, но тие се минорни.

Рамиз Мерко од ДУИ, исто така, забележа на носењето на урбанистичите планови со една третина гласови од советниците и истакна дека со тоа ќе се создаде хаос во општините.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на забелешките за носењето на урбанистичките планови рече дека ако Собранието може да носи закони со една третина, зошто советите да не носат одлуки. – Не правете баук од тоа и дека се руши демократијата со тоа, потенцира Димовски.

Заменикот-министерот истакна дека предложеното решение е посилно од она што се применува во моментов, бидејќи досега тоа не било регулирано и се носени и со просто мнозинство.

Собрнието на Република Македонија по редовната пауза ќе продолжи со работата по дневниот ред од 25. седница.