Македонија

Од 1 ноември електронски уписи во Централниот регистар

Од 1 ноември електронски уписи во Централниот регистар
Од 1 ноември електронски уписи во Централниот регистар

Од 1 ноември стапуваат во сила измените во законите за трговски друштва и за едношалтерски систем и за водењето на Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица. Тоа во пракса значи дека сите уписи во Централниот регистар, во трговскиот регистар поточно ќе се вршат исклучиво електронски и тоа преку регистрациони агенти, пренесе МИА.

Со последните законски измени категоријата регистрационен агент е проширена со адвокатите кои првпат земаат учество како професионална заедница при електронските уписи во Централниот регистар. Ова денеска го истакна директорот на Централниот регистар на Република Македонија, Андреа Поповски пред почнувањето на обуката за регистрациони агенти преку презентација на системот за е-регистрација, која се одржува во општина Кисела Вода.

Сите уписи во Централниот регистар, посочи Поповски, ќе добијат на квалитет затоа што пријавите и сите поднесоци до Централниот регистар за упис во трговскиот регистар ќе се поднесуваат од овластени подносители кои квалитетно и успешно ќе може да ги поднесуваат и нема да има проблеми околу уписите за да се враќаат документите назад итн.

Појасни дека Централниот регистар за таа цел извршил надградба на постојното софтверско решение односно на системот за е-регистрација и од нивна страна бил тестиран системот кој веќе е спремен за пуштање во употреба.

Обука на адвокати

Ги почнуваме обуките на адвокатите во Скопје. Досега извршивме обуки во 12 поголеми градови во Македонија на кои учествуваа над 300 адвокати, а во Скопје веќе имаме пријавено околу 450 адвокати. Паралелно на тоа се поднесуваат и барања за добивање овластување за регистрационен агент, рече Поповски и додаде дека обуките ги извршуваат вработени од Централниот регистар и целта да бидат помал број присутни адвокати околу 30 за да може обуката да биде поквалитетна и да има интерактивно учество на обучувачите и на адвокатите.

Со воведувањето на електронското поднесување во Централниот регистар, нагласи тој, ќе добиеме во квалитет и во квантитет.

Централниот регистар располага со 12 регистрациони и регионални канцеларии во кои се поднесуваат документите за уписи (на основање, на промени, на бришења) со што се дава можност и на субјектите кои се во помалите места да можат да поднесат преку регистрационен агент упис за промена, бришење или основање во Централниот регистар. Системот функционира веќе година ипол за уписот на основање, имаме 40 регистрациони агенти во 44 града и со адвокатите ќе ја прошириме категоријата регистрационен агент, додаде Поповски.

Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија, Никола Додевски рече дека воведувањето регистрациони агенти го докажува тоа повторно работите да си ги вршат тие кои се квалификувани и единствено имаат право да ги вршат, а тоа е правна помош која обезбедува правна сигурност на граѓаните во случајов многу важна за инвеститорите кои доаѓаат во Македонија.

Посочи дека сега 500 регистрациони агенти ќе имаат право да регистрираат компании. Тоа, истакна Додевски, значи дека во Македонија кога и да влезете во кој било момент имате високо квалитетна правна услуга за регистрација на компании и понатаму за сите промени кои им требаат на инвеститорите во Македонија.

Според него, адвокатурата мора да си го добие своето место кое го заслужува.

Оваа законска измена и вклучително како резултат на неа и обуките кои сега се одвиваат се разбира само од аспект на електронското изведување на правните услуги бидејќи адвокатите се квалификувани и со самото лиценцирање веќе се обучени да ја вршат својата работа, е резултат на напорите на Адвокатската комора работите да си дојдат на свое место и така една клима која е дисперзирана и минимизирањето на улогата на адвокатите да се надмине и тие да си го имаат своето место. Според мене, ова е значаен чекор во овој правец, рече Додевски