Од 11 февруари нема веќе македонски дипломати во Турција

Откако Владата на Македонија не ги спроведе бараните мерки од Турција за санкции кон одредени компани и организации за кои турските власти се сомневаа дека биле поврзани со воениот пуч, турскиот претседател донесе решение со кое од 11 февруари не важи договорот за признавање на дипломите од Македонија.

Одлуката била донесена уште лани на 12 декември. Ова се толкува како еден вид одговор на Турција по нивното барање македонските власти да преземат одредени мерки против организациите и компаниите во Македонија поврзани со Фетула Ѓулен, кој е осомничен дека е еден од организаторите на воениот пуч во Турција, лани на 15 јули. Неофицијално, главни противници за спроведување на овие турски барања биле министрите на ДУИ во македонската влада. Истовремено, голем дел од организациите на Ѓулен нашле прибежиште во Албанија.

Турција бараше преземање на одредени санкции против основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица. На списокот беше и неделникот „Заман Македонија“, а курсеви за турски јазик се организираат преку организацијата „Седеф“.

Неофицијално, по донесувањето на оваа превентивна мерка на турските власти, дел од менаџментот на Јахја Кемал се префрлил во Тирана.

По оваа одлука, се очекува бројот на студентите од Турција во Македонија драстично да се намали.

Турските медиуми проценуваат дека политичката нестабилност во Македонија овозможува организацијата ФЕТО на Фетула Ѓулен да го зајакне своето дејствување во земјата, откако веќе добро се етаблирала во Албанија. За турската државна агенција Анадолија ФЕТО е терористичка организација, која е предводена од Фетула Ѓулен, противник на турскиот претседател, и на Балканот има стотина училишта, туристички агенции, медиуми…

Анадолу пишува дека организацијата ФЕТО своите активности во почетокот ги остварува на полето на образованието и за таа цел веќе се отворени 15 училишта во Босна, 12 во Албанија, 7 во Македонија, 5 во Косово и 1 во Србија. Во неколку града во Македонија, пишува Анадолу, има фирми од образованието, транспортот, трговијата, здравството и туризмот што се поврзани со ФЕТО.