До 23 000 евра поволен кредит со еден отсто камата за самовработување на млади

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски, и директорот на Македонската банка за поддршка и развој, Драган Мартиновски информираа за мерките Проект за самовработување со кредитирање, Проект за самовработување со кредитирање на млади невработени лица до 29 години и Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места за млади лица до 29 годишна возраст од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување 2014 година.

Новите мерки треба да дадат значајни резултати во намалувањето на невработеноста и отворањето на нови мали бизниси и нови работни места.

Министерот Спасов потенцираше дека преку Проектот за самовработување со кредитирање се основаа и функционираат 2084 фирми и мали бизниси, каде што се вработени над 3150 лица, а преку Проектот кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) во 2013 година се вработија над 260 лица.

„Поради големиот интерес од невработените лица, Министерството за труд и социјална политика преку Агенцијата за вработување продолжува со нивното спроведување, додека, пак за младите лица до 29 години ги надградуваме овие програми и значително ги зголемуваме погодностите. Имајќи в предвид дека клучен предизвик за справување со невработеноста е нејзиното намалување кај младите до 29 години, сакам да потенцирам дека почнувајќи од оваа недела се воведува и Проектот за самовработување со кредитирање за млади невработени лица до 29 години, за кој во моментот е отворен оглас за аплицирање преку кој младите ќе можат да подигнат средства во износ од 7.000 евра до 23.000 евра по извонредно поволни услови,” рече Спасов.

Тој потенцираше дека условите под кои може да се добијат кредитните средства се: за кредитобарателот по 7.000 евра, а за секое новоотворено работно место дополнителни 4.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 23.000 евра.Како новина и исклучителна поволност на оваа мерка е: рокот на враќање на средствата кој изнесува седум години (84 месеци), односно период на отплата е 66 месеци (5,5 години) и грејс период од 18 месеци (1,5 година). Каматна стапка од 1 отсто на годишно ниво.

„Сопствено учество од корисникот на кредитот од најмалку 25отсто од износот на бараниот кредит (во вид на опрема, предмети и/или пари). Гаранција за поврат на средствата со хипотека во однос 1:1 со одобрениот кредит, или сопствена меница авалирана од најмалку еден авалист за кој правата и обврските по однос на истата се уредени со менична изјава дадена во форма на нотарски акт и со извршна клаузула или рачен залог во однос 1:2 во износ на одобрениот кредит,” дообјасни Спасов.

Директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски ја образложи мерката Проект кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) за отворање на нови работни места за млади лица до 29 годишна возраст. Пријава може да достави правен субјект (микро и мало претпријатие) кој е регистриран најмалку 1 година, кој има најмалку 1 вработено лице минимум 3 месеци пред денот на објавување на јавниот оглас, и кој воедно не го намалил бројот на вработените во последните 6 месеци.

Пријава за учество во овој Проект може да достави и невработено младо лице до 29 годишна возраст кое е евидентирано во Агенцијата за вработување на РМ како лице кое активно бара работа (лице со статус 200) најмалку 1 ден пред објавување на Јавниот оглас, и не бил во работен однос најмалку 3 месеци до денот на објавувањето на јавниот оглас.

Кредитот ќе изнесува 4.000 евра во денарска противвредност по едно новоотворено работно место со максимален износ до 12.000 евра за вработување на 3 невработени млади лица до 29 годишна возраст.