петок, 2 декември 2016  |  Вести денес: 76

Од аналитичар и советник претседател не бидува

pendarovskiStevo

Последни вести

Спорот со името го „прегази“ Пендаровски! Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, од ден на ден сѐ повеќе тоне во контрадикторни изјави кога е во прашање спорот со името, пишува „Република“, пренесува Нетпрес.

Прво, Пендаровски не сакаше да соопшти со каков став би настапил кога евентулано би се кроел државен консензус за ова прашање.

Во интервјуто за „24 Вести“ Пендаровски наивно изјави:

„Јас морам да добијам легитимитет од македонскиот народ. Јас во овој момент сум само кандидат. Јас не можам да ви го кажам тоа“.

Доколку Пендаровски претендира да стане претседател, логично е граѓаните да бидат запознаени со неговите ставови пред да го гласаат, а не откога ќе стане претседател, беа коментарите на аналитичката јавност по оваа негова изјава.

Второ, во недостиг од аргументирана критика на адреса на својот противкандидат Иванов, Пендаровски паушално тврдеше дека Македонија нема црвена линија во однос на името. Наспроти ваквите изјави на Пендаровски, јавноста беше сведок дека во изминативе години државниот врв и, особено, претседателот Иванов беа конзистентни и доследно опстојуваа токму на црвената линија за прашањето за името, која подразбира неприфаќање на уставни промени и компромисно решение кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ, а за кое би се изјасниле граѓаните на референдум.

Вака изнесените ставови на Пендаровски го наметнуваат прашањето што советникот Пендаровски и неговиот шеф Црвенковски зборувале со Нимиц, ако и денес не ги знаат црвените линии во спорот.

Во контекст на ова, со директни прашања до опозицијата излезе актуелниот претседател Иванов во неговото неодамнешно интервју за неделникот Република:

„Не знам кој е нивниот став. Дали мора да се ’свитка кичмата’? Дали прифаќаат име со географска одредница, а со тоа и промена на уставното име? Дали за шест месеци ќе го решат името? Дали Република Македонија не може да опстои како држава доколку не се приклучи кон Европската унија и по цена на уставното име и идентитетот на македонскиот народ? Дали и по 20 години процес предлагаат на лидерска средба, надвор од Собранието, да ги исцртаме црвените линии? Или, пак, за нив е прифатливо сѐ што е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ? За најпосле да се сетат дека за ова прашање треба да ги прашаат граѓаните на референдум? Можеби немањето став, талкањето по ова прашање, е една од клучните причини поради кои народот осум години ѝ вели ’не’ на опозицијата“, рече Иванов во интервјуто.

Уште понејасна беше изјавата на Пендаровски, дадена во интервјуто за „Прес 24“, дека Македонија требало да ги игнорира, а не да ги одбива предлозите на Грција, кои биле сѐ полоши и полоши за нас. Како продолжение на контрадикторностите е и неговата изјава дека Република Македонија требало да му предложи на Нимиц документ со кој ќе бидат промовирани и заштитени нашите интереси. За жал, Пендаровски не појасни каков документ би бил тој кој кај Нимиц „би завршил работа“.

Потсетуваме дека најголемата правна и морална победа за Македонија е хашката пресуда, која претставува потврда за кредибилноста и исправноста на досегашната политика на Република Македонија. Според Стево Пендаровски, токму хашката пресуда, како што самиот изјави, претставува губење време. Девалвирајќи ја пресудата, Пендаровски ја прогласи Македонија за политички губитник, што е сосем контрадикторно на неговата првична изјава дадена веднаш по одлуката на Меѓународниот суд дека Македонија е правен победник. Ако Пендаровски обезвреднува документ на највлијателен суд во светот, тогаш кој друг документ би претставувал порелевантна заштита на македонските интереси на меѓународен план? По ваква конфузија на ставови, кои не се ставови, граѓаните веројатно ќе си постават едно и единствено прашање: кој од светските лидери ќе го разбере што сака ако вака зборува со нив? Во декември 2013 година Пендаровски оцени дека не му било доволно потпишувањето на меморандум за евроинтеграција во Собранието на РМ, туку дека треба надвор од Собранието на РМ, на лидерски средби да се утврди консензус за ова прашање. Со делегитимирање на одлуките на Собранието, Пендаровски јасно го покажува својот став и кон законодавниот дом.

Во текот на кампањата Пендаровски изјави:

„Да седнат релевантните политички чинители, далеку од очите на јавноста, и да се договорат дали остануваат на стратешките определби од 90-тите години, и ако остануваат, истите да се договорат каков компромис треба да се направи за да се интегрираме – по принципот на рамковниот договор“. Пендаровски во интервју ќе каже: „Релевантните политички фактори во земјата да заземат политички став дали остануваме на определбите од 90-тите години кон западните асоцијации, и ако остануваме, по која цена?“.

Очигледно, Пендаровски заборава дека денес е 2014 година и завршија времињата кога договори се правеа далеку од очите на јавноста. И повторно продолжува со поданичка политика, сака пак некој од надвор да нѐ седне и да ни каже како да се договориме, некој друг да мисли за нас што е наш државен интерес. Веројатно некој треба да го потсети дека претендира на функцијата претседател, а не на функцијата претседател на некој истражувачки центар, институт. Прашуваме која е цената на личните амбиции. Веројатно многумина пред почетокот на изборите имаа поинакво мислење за Стево Пендаровски, го перципираа како еден модерен, современ аналитичар. Но, не по ничија туѓа вина, Пендаровски самиот ги разочара. Веројатно капацитетите му се само да остане аналитичар.

Коментирај

* Нетпрес нема да објавува коментари кои содржат говор на омраза, кои дискриминираат по основ на родова, социјална, етничка припадност или сексуална определба, како и коментари кои повикуваат на етничко, верско, расно, национално или политичко насилство и нетолеранција.

Нема коментари.

Најчитани вести