Од април директна линија Скопје-Женева

Скопскиот аеродром „Александар Велики“, опериран од „ТАВ Македонија“, се подготвува за експанзија на својата мрежа на дестинации со летовите на авиокомпанијата SWISS кон Женева, соопшти компанијата.

Скопскиот аеродром ќе биде поврзан со Женева во Швајцарија со директни летови во двете насоки од април 2015 година. Покрај Цирих и Базел, Женева ќе биде третата дестинација во оваа европска земја со која скопскиот аеродром има воздушна врска.

-Ја поздравуваме одлуката на Swiss Airlines од април повторно да лета од Женева за Скопје. Ова е добра вест за нашите ценети патници, нашите иселеници во Швајцарија, како и за бизнис-заедницата во двете држави. Со ова се зголемува и туристичката размена, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

Според летниот распоред на скопскиот аеродром, првиот лет од Скопје до Женева е планиран за четврти април 2015 година. Авиокомпанијата SWISS ќе оперира на оваа авиолинија од „Александар Велики“ секоја сабота од 18 часот и 20 минути. Во текот на летната сезона, SWISS ќе ја опслужува оваа релација двапати неделно, во вторник и во сабота.

– Задоволни сме што можеме позитивно да одговориме на растечката потреба за патувања меѓу Македонија и Швајцарија и да лансираме нова услуга од скопскиот аеродром „Александар Велики“ до Женева, истакна Бернард Водл, директор на SWISS за Австрија и за централна и источна Европа.

Во однос на новата линија до Женева, како што изјавија од SWISS, авионските билети ќе можат да се резервираат од средината на јануари следната година, на нивната веб-страница swiss.com, како и преку туристичките агенции.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.