Од денес ограничена пловидба на скутери и чамци по езерата

Од денеска стапува во сила ограничувањето за пловидба на скутери и чамци по водите на природните езера во Македонија.

Забраната за движење е до 31 август, во периодот од 11 до 19 часот низ Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро. Чамците пак, не смеат да пловат по езерските води од 21 до 05 часот.

Првиот човек на Капетанијата Горан Устијаноски во изјава за МИА упати апел за почитување на ограничувањата и пропишаните правилници за пловење.

Контролите се одвиваат рутински и секојдневно се апелира до сите наутичари нивните чамци да бидат регистрирани, да поседуваат уверение за пловидба и да се опремени со соодветна опрема пропишана со правилниците, изјави Устијаноски.

Тој потсети дека за некои прекршоци може веднаш да се даде забрана, но доколку има недостатоци постои можност за советување и во одреден рок да ги отстранат недостатоците.

Доколку тој рок не се испочитува тогаш стапува во сила забрана за пловидба, но ако се продолжи со пловење и понатаму се изрекува и глоба, нагласи Устијаноски.

Ограничувањата за пловидба на скутерите се воведува за безбедност на капачите и на учесниците во пловидбата.