Поевтини роамингот меѓу Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ

Од денеска стапува во сила спогодбата за пониски цени на роаминг услугите помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Цената на минута разговор во роаминг за македонските граѓани се намалува  за повеќе од 73 проценти, а на мегабајт интернет  за  над 90 проценти.

АЕК во согласност со Законот за електронските комуникации по јавна расправа на 10 март годинава донесе Одлука за утврдување на максималните цени на услугите во роаминг во јавни мобилни комуникациски мрежи со земјите со кои Република Македонија потпиша регионална спогодба за роаминг.

Поевтини роамингот меѓу Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ по спогодбата за пониски цени што четирите држави ја потпишаа во Будва во септември, лани.

Според новите цени, ако во јули лани за минута разговор сме плаќале 67,9 денари, од денеска согласно спогодбата, цената  изнесува 17,9 денари, а од 1 јули 2016 ќе изнесува 14,8 денари, а од 1 јули 2017  цената ќе биде 11,7 денари.

Наместо 12,3 денари колку што чинеше порака во јули лани, од 1 јули годинава ќе се плаќа по 5,6 денари, од 1 јули 2016 година цената ќе биде 4,9 денари, а од 1 јули 2017 година 3,7 денари.

За мегабајт интернет во роаминг лани се плаќаше 370 денари, сега ќе чини 43,2 денари, од 1 јули 2016 година 27,8 денари, а од јули 2017 година ќе се плаќа по 12,3 денари.  Македонската Агенција за електронски комуникации завчера соопшти дека веќе не постои правна пречка за примена на новите цени за роаминг услугите помеѓу Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Според АЕК, и покрај тоа што во изминатиот период имаше одлука на Управниот суд на Црна Гора со која беше укинато решението на нивниот регулатор, изготвено е ново решение кое им е дадено на црногорските оператори во согласност со насоките од Управниот суд.