Од денес постојано присуство на брза помош на автопатот кон Грција

Медицински тим и возило на итна медицинска помош од денеска постојано ќе биде присутно на автопатот кон Грција. Целта е медицинската помош да биде што поблиску при евентуални сообраќајни несреќи, во услови на зголемена фреквенција на возила во текот на летото.

Оваа наредба од Министерството за здравство важи за месеците јули и август. На терен наизменично ќе дежураат екипи од службите за брза помош при здравствените домови од Штип, Велес, Кавадарци, Неготино, Валандово, Гевгелија и Струмица, изјави доктор Антоан Паракеов, началник на Службата за итна медицинска помош при Здравствен дом Кавадарци, пренесе МИА.

Возилото со медицински тим ќе дежура деноноќно, или на 113 километар од Скопје каде што е денеска, или кај бензинската станица кај Демир Капија.

Поради зголемената фреквенција на возила на овој автопат во текот на летото и со цел медицинската помош да е што поблизу во случаи на сообраќајни несреќи, изминатите две години во текот на летниот период, на 113 километар од Скопје постојано дежураше возило на брза помош. Смените наизменично ги држеа вработени од Службите за итна медицинска помош од Кавадарци, Неготино и Валандово. Минатата година дежурството беше порано прекинато, заради ангажираноста на овие служби околу мигрантите во Гевгелија.