Од денеска електронско водење на медицинска документација

Националниот систем за електронски евиденции во здравството МојТермин, е систем кој постојано се оптимизира и надградува. Денеска сакам да ве информираме за уште една новина која ја воведуваме, а се однесува на електронско водење на медицинската документација, изјави денеска Милан Аризанкоски, проект-менаџер на Националниот систем за закажување прегледи МојТермин.

Како што знаете, при преглед на пациент, независно на кое ниво на здравствена заштита е спроведен, докторите го заведуваат во медицински дневник и во системот за електронски евиденции.

Медицинскиот дневник претставува основна медицинска документација во кој се внесуваат податоци за прегледот на пациентот во здравствените установи. Досега, медицинскиот дневник се водеше на хартиен образец, со рачно внесување на податоците за посетата на пациентот. Сето тоа значеше дополнително ангажирање на вработените во установите. Со воведување на националниот систем за електронска евиденција во здравството, Мој термин, се создадоа услови за електронско водење на медицинскиот дневник. Ова значи дека податоците кои веќе се внесени во апликацијата која се користи во ординацијата на лекарот или во амбулантата, автоматски ќе се префрлат во електронскиот медицински дневник. Со тоа, во голема мерка ќе се намали административната работа во установите при што се добиваат комплетни податоци за прегледот кој е извршен.

Токму затоа, Министерството за здравство донесе Правилник за видот, формата и содржината на образецот за водење на медицинскиот дневник на сите нивоа на здравствена заштита.

Со тековната работа во системот за електронски евиденции во здравството МојТермин или во софтверска апликација која е интегрирана со него, повеќе не е потребно паралелно запишување на медицинските податоци за прегледот во хартиен дневник во здравствената установа.

На овој начин, овозможуваме значително намалување на обемот на административна работа во приватните здравствени установи, како и во јавните здравствени установи на секундарно и терциерно ниво.

Во медицинскиот дневник се внесуваат податоци за пациентот, како и податоци поврзани со здравствената состојба и укажаната здравствена заштита.

Податоците се структуирани и прикажани во посебен образец кој во првата година ќе се печати и ќе се заверува со потпис и факсимил на лекарот. Во блиска иднина, со воведување на дигитален потпис кај здравствените работници, дневникот ќе се води исклучително електронски, без потреба за печатење.

Медицинскиот дневник ги содржи основните податоци за пациентот, како и медицински податоци (тип на извршена здравствена услуга, дијагноза, терапија, упатувања, боледувања и слично). Во еден запис се запишуваат податоци само за еден пациент и за еден извршен преглед. Со овој правилник не се отфрла хартиената документација во здравствените установи, туку се изменува начинот на која таа се евидентира.

Внесувањето на податоците во медицинскиот дневник го врши лекарот за време на прегледот на пациентот, а воедно ги координира сите активности потребни за гаранција на веродостојноста на податоците, неовластен пристап, промена на податоците и заштита од губење на податоците. На крајот на работниот ден, внесените податоци во системот задолжително се печатат во хартиена форма и истите треба да бидат потврдени со факсимил и печат на докторот. Хартиената форма, односно образецот и податоците кои се евидентираат во него се дефинираат преку овој правилник.

Овој начин заштедува време кај здравствените работници при приемот на пациентите во здравствената установа и нивната реализација на прегледи, односно овозможува времето да биде искористено за медицинскиот дел од прегледот на пациентот.

Со овој Правилник се опфатени над 9,000 доктори кои работат во јавните и приватните здравствени установи (50% од нив се на примарно ниво, а останатите 50% се на секундарно и терциерно здравствено ниво).

Покрај олесувањето на работата во евиденцијата на податоците во дневникот, се олеснува и работата на државниот санитарен и здравствен инспекторат кој согласно законот за евиденции во здравството ја има надлежноста за контрола на внесувањето на податоците како и проверка на веродостојноста на истите. Сите податоците на сигурен начин се пренесуваат и зачувуваат во едно централизирано место, од каде Државниот санитарен и здравствен инспекторат може да ги извршува своите контроли.

Правилникот е испратен до сите софтверски компании кои имаат моментална интеграција со МојТермин и потребно е да ги прилагодат своите софтверски решенија кон електронскиот начин на водење на дневникот.

Докторите што го користат директно Мојтермин можат да започнат со користење на електронскиот дневник од нареден понеделник, додека докторите кои користат интегрирани решенија кон МојТермин се планира да се започнат од 1 ноември. Од 1.1.2015 година, овој начин на водење на медицинската документација станува задолжителен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.