Од денеска квалификуваните потрошувачи на слободниот пазар на струја

Вкупно 222 македонски компании потребите за електрична енергија од денеска ќе можат да ги задоволат на слободниот пазар.

Станува збор за компании со над 50 вработени и вкупен годишен приход од над 10 милиони евра.

И официјално стапува на сила втората фаза од либерализација на пазарот на електрична енергија, кој беше неколку пати одложуван.

Согласно Акцискиот план за либерализација на пазарот на електрична енергија во Македонија, претпријатијата кои имаат повеќе од педесет вработени и вкупен годишен приход поголем од 10 милиони евра ќе можат самостојно да учествуваат на пазарот на електрична енергија.

Тие беа должни да се регистрираат како учесници на пазарот на електрична енергија согласно Правилата за пазар на електрична енергија и да склучат договор со снабдувач со електрична енергија или трговец со електрична енергија за наредната година најдоцна 30 дена пред денот на стекнувањето на својството квалификуван потрошувач.

Фирмите очекуваат дека со либерализацијата на пазарот ќе се намалат трошоците за електрична енергија,а поевтинувањето може да биде и до 25 отсто.

Над 120 од квалификуваните потрошувачи веќе склучиле договор за снабдување со електрична енергија со ЕВН Снабдување, а останатите компании со ЕДС (Energy Delivery Solutions).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.