ТОП,Македонија

Од денеска може да се аплицира за „Купи куќа за млади“

Од денеска може да се аплицира за „Купи куќа за млади“
Граѓаните од денеска можат да аплицираат за проектот „Купи куќа за млади“. Собранието вчера ги усвои измените на Законот за субвенционирани станбени кредити со кои се создадоа услови за спроведување на овој проект, пренесува МИА.

„Купи куќа за млади“ е наменет за млади луѓе до 35 години кои немаат сопствен дом и претставува подобрување на условите од проектот „Купи куќа, купи стан“, односно овозможува младите лица да добијат повисок износ на субвенции и подолго да бидат субвенционирани доколку преку проектот земат кредит за купување, изградба, надградба или доградба на куќа.

Со овој проект ќе се даде голема поддршка за младите луѓе во Република Македонија за решавање на едно од клучните прашања во животот, а тоа е стекнување на сопствен дом што е основа за натамошно формирање на семејство и напредок во животот. Затоа сметаме дека ваков проект е потребен и дека ќе наиде на голем интерес. Во првите контакти што ги имаме со граѓаните укажуваат дека интересот на младите луѓе е голем, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Посочи дека има две опции кои им се понудени на младите луѓе преку „Купи куќа за млади“. Првата опција предвидува за период од 8 години да се субвенционира 80 отсто од месечната рата – главница и камата, а следните три години да се субвенционираат 50 отсто од месечната рата при што максималниот износ за кредит може да достигне 50.000 евра.

– Доколку месечната рата за кредитот изнесува 200 евра првите 8 години 160 евра од месечната рата ќе плаќа Владата, а само 40 евра ќе плаќа граѓанинот. Деветтата, десеттата и единаесеттата година месечната рата ќе се плаќа по половина, односно 100 евра Владата и 100 евра граѓанинот, истакна Ставрески.

Каматната стапка е утврдена за првите пет години – првите три години 3,95 отсто, четврттата и петтата година 4,44 отсто. Понатаму банката ја утврдува каматната стапка, но таа не смее да биде повисока од каматните стапки на редовните станбени кредити на банката.

Втората опција е доколку лицето нема доволно средства за учество за да добие станбен кредит тогаш се овозможува 100 отстотно покритие на учеството од страна на Владата кое максимално може да достигне 12.500 евра за кредит од 50.000 евра. Каматната стапка во овој модел е фиксирана на 6-месечен ЕУРИБОР плус 4,5 отсто на годишно ниво за цело времетраење на отплата на кредитот. Сите средства кои ги доделува Владата се неповратни со услов додека трае отплатата на кредитот куќата да не се отуѓува, посочи вицепремиерот Ставрески.

За да се аплицира за проектот лицето треба да има до 35 години и на свое име да нема друг стан или куќа или доколку е во брак ниту еден од брачните другари на свое име да нема стан или куќа. Ако станува збор за лице кое не е во брак, неговите месечни приходи треба да бидат помали од 900 евра, ако, пак, станува збор за брачна двојка приходите треба да бидат помали од 1.300 евра. Проектот е наменет за сите кои сакаат да градат нова куќа, да купат куќа од овластени правни лица или да доградат куќа на постоечко место, на куќата во сопственост на нивните родители и слично. Кредитот треба да се земе на период од најмалку 20 години.

Апликациите заинтересираните граѓани може да ги поднесат во една од осумте банки кои учествуваат во проектот – НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка, Стопанска банка Битола, Шпаркасе, Охридска банка, ТТК, Алфа и Прокредит банка.