Од денеска онлајн проверка на работниот стаж

Граѓаните од денеска по електронски пат ќе имаат пристап до информации за стаж и плати од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Р. Македонија.

Станува збор за проект на Министерството за труд и социјална политика и ПИОМ преку кој ќе се овозможи поголема информираност на граѓаните, транспарентност на институциите, намалување на гужви пред шалтерите, а и заштеда на самите граѓани. Со земање на шифра и пасворд од ПИОМ граѓаните ќе имаат пристап 24 часа до информациите за стаж на осигурување и плата.

Министерот Диме Спасов истакна дека со овој начин на пристап до податоците од ПИОМ ќе се овозможи граѓаните континуирано да бидат информирани за своите права, дали работодавачот кај што работи осигуреникот навремено му ги плаќа придонесите, дали соодветно е пријавен и дали има одредени недостатоци во неговите податоци кои би можел да ги корегира.

Спасов информираше дека покрај овој проект за информирање на граѓаните се спроведува уште еден со кој двапати годишно, еднаш до 15 февруари и еднаш до 15 јули, од ПИОМ по електронски пат се испраќаат податоци до работодавачите кои потоа се должни да ги дистрибуираат до нивните вработени. Земјоделците и самовработените лица ќе бидат информирани писмено за податоците за нивниот стаж.

-Како резултат на првото известување и информирање за стажот кое го направивме оваа година, до 15 февруари доставивме податоци за над 52.000 вработени, од кои околу 51.500 осигуреници си направија корекција во своите податоци, истакна Спасов.

Министерот посочи дека во иднина ќе продолжи да се реализира и проектот за отворени денови за информирање на граѓаните за податоците на нивниот стаж, кој досега е реализиран во 16 општини во земјава.

Директорот на Фондот за ПИОМ Амет Даути истакна дека придобивките од воведувањето на оваа нова услуга за електронски увид на податоците се огромни. Тој информираше дека покрај електронски пат граѓаните и понатаму ќе можат да ги добиваат овие информации и на шалтер како што беше и досега.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.