Од денеска повисоки казни за несовесните возачи

Од денеска повисоки казни за несовесните возачи
Од денеска повисоки казни за несовесните возачи

Возачите во населени места ќе треба да возат до 50 километри на час, додека на автопат ограничената брзина е 130. Ова се дел од новите измени во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кои од денеска стапуваат на сила.  Непочитување на овие ограничувања, наместо досегашните 300 евра, ќе се казнува со 400 евра, односно во зависност од тоа колку возачот ја надминал дозволената брзина.
Најниската казна е 20 евра, или 10 негативни поени, во случаите кога се вози со брзина поголема за десет километри на час од дозволеното. Оние што возат со брзина до 30 километри на час повеќе од дозволената, ќе платат 45 евра или 25 негативни поени.
Во случаите  кога ќе се надмине дозволената брзина за повеќе од 50 километри на час, глобата е 400 евра, односно 65 негативни поени, а забраната за возење е од шест месеци до една година. Кажано со други зборови, највисоката казна ќе ја платат оние што возат повеќе од 100 километри на час во населено место, односно 180 на автопат.

500 евра казна за одбивање на алкотест

Доколку возачот одбие да направи алкотест, законот предвидува казна од  500 евра, но и забрана за возење од 12 месеца.

225 евра, односно 40 негативни поени, ќе платат оние возачи кај кои ќе бидат регистрирани од 0,51 до 1 промил алкохол во крвта, но следува и забрана за возење од три до шест месеци. Педесет евра или десет негативни поени повеќе е за оние што ќе имаат до 1,5 промил, како и забрана од шест до девет месеци. За до два промили казната е 325 или 55 негативни поени, а забраната може да биде и до 12 месеца. Највисока казна од 375 евра, односно 60 негативни поени, ќе добијат оние што ќе седнат зад воланот со повеќе од два промили алкохол, а ќе добијат и забрана за возење од една година.

Задолжителни светла, детско седиште…

Задолжителни светла, детско седиште...

Вклучените светла остануваат задолжителни, а за непочитување на ова правило казната е 15 евра или 15 негативни поени, наместо досегашните 20 негативни поени. Исти остануваат и казните за користењето мобилни телефони, 45 евра односно 25 негативни поени.

Казната за некористење на сигурносен појас е 40 евра за возачот, а за другите во возилото е 50 евра.

Детското седиште е задолжително за сите деца помали од пет години, во спротивно возачот ќе биде казнет со 35 евра, односно 15 негативни поени.

возачот што нема да ги пропушти пешаците на пешачки премин, ќе биде казнет со глоба од 200 евра

Новиот Закон предвидува и повисоки казни  за пешаците. Поминување на црвено светло е 30 евра, наместо досегашните 25 евра.

Од 35 на 50 евра е зголемена и казната за оние што се возат со мопед, мотоцикл, трицикл или лесен четирицикл, а немаат шлем. За велосипедистите задолжително е светло во бела боја на предната страна, како и катадиоптер со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна, во спротивно казната е 50 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.