Македонија

Од денеска пунктови за бесплатни превентивни прегледи низ земјава

Од денеска пунктови за бесплатни превентивни прегледи низ земјава

Во рамки на програмата „Здравје за сите“ од денеска почнува организацијата на пунктови за бесплатни превентивни прегледи и совети за превенција од топлото време во Скопе и останатите градови низ земјава.

Здравствените домови во секој град ќе организираат по една акција за бесплатни превентивни прегледи дневно, додека на територијата на град Скопје секојдневно, почнувајќи од денеска попладне, ќе бидат поставени три пункта, и тоа на прометни локации низ градовите, како што се парковите и плоштадите.

Прегледите ќе се вршат секој ден во неделата, освен на празници, во периодот од 18:30 до 21:30 часот, во вкупно 33 градови низ земјава.

Според планот за изведување на Акцијата, ЈЗУ Здравствен Дом-Скопје поставува 3 пункта дневно, кои се организирани на тој начин што ќе има еден статичен пункт во Центар-локација на Кејот на Вардар, позади Владата и по два мобилни, кои се распоредени по 9 општини во градот Скопје со однапред предвидена динамика:

–       Ѓорче Петров и Драчево

–       Карпош и Аеродром

–       Центар и Бутел

–       Чаир и Кисела Вода

–       Шуто Оризари и Гази Баба

На овие пунктови граѓаните имаат можност одблиску да се информираат за заштита од високи температури, да добијат препораки за здрави животни навики и мерење крвен притисок, како ризик-фактор за кардиоваскуларни заболувања. Во текот на акциите на граѓаните им се дели и печатен материјал во форма на брошури за превенција од топлотни бранови, кои се достапни во Центрите за јавно здравје.

Досегашното искуство од организирањето вакви акции покажува дека граѓаните масовно ги посетуваат овие пунктови, бидејќи во исто време добиваат и преглед и здравствен совет за тоа како да се грижат за своето здравје. Овие прегледи истовремено претставуваат и поттик за навремено и редовно вршење преглед кај својот матичен лекар

Минатата година, на територијата на Скопје пунктовите ги посетиле вкупно 12.557 граѓани, на 7.353 лица им бил измерен крвен притисок, 454 лица веднаш биле упатени на матичен лекар заради зголемен притисок, а како итни случаи 42 лица се испратени во ГОБ 8 септември на понатамошни испитувања.