Од денеска стапува на сила законот за стечајци

Од денеска стапува на сила Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата во период од 2000-тата до 2004-тата година, кој што беше донесен по скратена постапка во Собранието.

Со истиот се опфатени лицата кои останале без работа како резултат на приватизација на компанијата која била во државна или доминантна државна сопственост до 31 декември 2013 година.

Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, со ова законско решение се очекува да се реши горлив проблем на околу 3.000 стечајци. Тие ќе бидат материјално обезбедени со месечен надомест од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и плус здравствено осигурување. Лицата треба да имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме ако биле вработени, да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја.

Пратениците на опозициската СДСМ ги поддржаа измените на Законот, но остро го критикуваа зашто сметаат дека се работи за предизборен чекор на владејачката партија и жалат што нема да важи за сите стечајци во државата и што проблемот се решава парцијално.

Mинистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов нагласи дека со законот во 2008 биле опфатени 3000 невработени граѓани кои останале без работа по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок, а со новиот закон се менува законот од 2008 заради целосен опфат и дополнителни околу 3000 граѓани кои по тој основ останале без работа.