Од денеска забрана за движење на камиони во Скопје

Од денеска стартува времен режим на сообраќај по улиците на Скопје, со кој ќе биде забрането движењето на товарни моторни возила. Забраната ќе важи од 10 до 20 часот секој ден сè до 1 септември годинава.

Оваа мерка се воведува со цел да се заштити коловозот од оштетување од тежината на моторните возила, во услови на високи дневни температури во текот на летото.

Од ова решение се изземаат возилата кои превезуваат жива стока, лесно расиплива стока, хуманитарна помош, медицински препарати, комунални возила, возилата на ЈСП, возила кои превезуваат експлозивни, запалливи и отровни материи, возила за превоз на градежни материјали (сиров бетон), како и градежна оператива кои вршат градежни работи на градилиштата за Општините во Скопје, Град Скопје и Влада на РМ.