Од Гевгелија кон Табановце утрово заминаа околу 500 бегалци

Специјален воз со околу 500 бегалци тргна утрово од железничката платформа кај прифатниот пункт за мигранти од Гевгелија кон Табановце.

Според информациите од железничка станица во Гевгелија, денес кон северната граница треба да заминат три воза. Следниот по околу еден час ќе биде поставен на платформата кај прифатниот камп.

2.2оо бегалци транзитирале во текот на минатото деноноќие

Во текот на изминатото деноноќие, со четири специјални возови од Гевгелија до Табановце транзитирале околу 2.200 бегалци. Бројот на возови и распоредот на нивно тргнување се утврдуваат според потребите на прифатниот камп.

Проценките на УНХЦР велат дека вчера низ земјава транзитирале околу 3.000 мигранти, затоа што покрај возовите од Гевгелија кон Табановце заминале уште десетина автобуси и исто толку такси возила, пренесува МИА.

Помош добиваат сите бегалци на кои им е потребна

Од меѓународниот Црвен крст велат дека неопходната медицинска помош им се дава на сите бегалци на кои им е неопходна. Според нивна евиденција, најмногу мигранти доаѓаат од Сирија, но во последно време се повеќе ги има и од Ирак, Иран, Авганистан, Пакистан, Бангладеш,Сенегал и Конго.

Во кампот во Гевгелија малолетно лице од Шпанија

Како куриозитет вчера во кампот во Гевгелија било евидентирано и едно малолетно лице од Шпанија. Многу фирми од земјава и понатаму донираат храна и вода за бегалци.