Од Хавана до Атина

Повеќе од пет децении беа потребни да започне процесот на  нормализација на односите меѓу САД и Куба, што истовремено претставува една од најзначајните промени на американската надворешна политика во изминатиот период. Американскиот претседател Барак Обама овој надворешно политички потег го оправдува со потребата од формулирање на нов пристап во надворешната политика, кој истовремено ќе помогне кон понатамошната демократска трансформација на кубанското општество, надминување на изолацијата и одбраната на сопствените интереси.

Според објавените информации, процесот на преговори меѓу двете држави се одвивал повеќе од една година, а во барањето на соодветно решение американската дипломатија била потпомогната од Канада и дипломатски претставници на Ватикан. Знак на потврда на реченото е и изјавата на папата Франциско, кој веднаш по објавувањето на одлуката од страна на двете земји ги поздрави владите на двете држави за историската одлука да ги обноват дипломатските односи, кои според него се во взаемен интерес на нивните граѓани. Ватиканската дипломатија одиграла клучна улога во водењето на конструктивен дијалог за деликатни прашања, а папата Франциско на двајцата претседатели на Куба и САД им пишувал и лични писма во кои ги повикал да ги решат хуманитарните прашања од заеднички интерес, ситуацијата со размена на затворениците и да отворат нова фаза од односите меѓу нивните две држави.

Претседателот Обама не го поколеба ниту фактот дека Републиканците, кои доминираат и во двата дома на Конгресот на САД, не ги подржуваат неговите дипломатски чекори и таквата политика ја нарекуваат непромислена отстапка спрема кубанскиот режим, истовремено најавувајќи сериозна дебата околу прашањето на укинување на ембаргото против Куба.

Веројатно секој надворешно политички аналитичар би сакал да добие соодветен одговор на прашањата, дали навистина беа потребни скоро шест децении да се пронајде решение на една политичко дипломатска криза создадена со воведувањето на трговското ембарго од САД кон Куба (1960 година) и дали беа потребни шест децении да се заборави гревот на Фидел Кастро за изведената комунистичката револуција и соборувањето на диктаторот Батиста, како и за создавањето на Кубанската ракетна криза (1962 година), проследена со инсталирање на нуклеарни проектили од страна на Советскиот Сојуз во самото предворје на САД.

Паралелно на тоа би го поставил прашањето поврзано со оправданоста на непостоење на дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Грција и нерационалните потези на грчката држава, која од самиот почеток на прогласувањето на нашата независност ја оспорува употребата на нашето уставно име во меѓународните односи.

Постигнатите резултати во изминатите две децении и севкупните напори на македонското општество насочени кон остварување на стратешките надворешно политичките цели веќе две децении, целосно се негираат преку континуирана злоупотреба на правото на вето и непочитувањето на принципите и правилата на меѓународното право. Таквото нелегално однесување на Хеленската Република јасно е потврдено и со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година.

Поаѓајќи од стратешкиот интерес на земјите членки на ЕУ и НАТО, кои во основа се насочен кон целосна промоција на европските вредности, имплементација на  пазарните законитости, почитување на човековите права, различните културни, национални и религиски вредности, зацврстување на мирот и безбедноста во Европа и пошироко, тогаш повеќе од јасно е дека токму од нив би требало да се очекува да и’ помогнат на Република Македонија што е можно поскоро да го заземе заслуженото место во наведените интеграции, а на кој пат единствената пречка е Република Грција.

Нормализацијата на односите меѓу двете држави ќе и помогне на Република Македонија да продолжи со сеопфатни општествени реформи, да се започнат преговорите со ЕУ, да го оствари своето членство во НАТО, да се унапреди севкупната соработка меѓу двете држави, како и да се зголеми меѓусебна доверба и единство меѓу граѓаните на двете држави.

Воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Хеленската Република претставува обостран интерес, долгорочен стратешки интерес на земјите членки на ЕУ и НАТО, ќе го зголеми кредибилитетот на нивните успешни политики на проширување, ќе биде дополнителна заштита од создавање на нови кризи во Европа, а секако ќе помогне и во зацврстувањето на европскиот мир, стабилност и безбедност.

Воспоставувањео на дипломатските односи би требало позитивно да влијае и кон унапредување на односите во регионот на Западен Балкан кој од синоним на неединство тежнее да се претвори во пример за дијалог, разбирање и блиска соработка. Со таквиот чин Хеленската Република ќе се здобие со стабилен сојузник и сосед кој ќе ги подржува прокламираните европски вредности и ќе влијае кон унапредување на билатералната и регионалната соработка.

Зарем не е време највисоките претставници на ОН, ЕУ и НАТО и нивните земји членки да посветат малку поголемо внимание кон регионот на Западен Балкан и кон Република Македонија и да извршат зголемен притисок кон нашиот јужен сосед, кој е потребно што е можно поскоро да ја сфати најновата  геополитичка реалност. Хеленската Република е потребно да разбере дека нашата држава не е закана за никого, туку вистински и посведочен пријател, пример на мултинационална, мултиконфесионална и мултикултурна држава, држава која  развива позитивни билатерални релации со сите свои соседи, која е учесник во мировни операции, која ја подржува борбата против тероризмот, која води сметка за заштитата на животната средина, која сака да ги види странските инвеститори во својот дом, која силно е посветена на реформите во образованието, науката, здравството, засилување на борбата против корупцијата, криминалот и тероризмот, постепено подобрување на независниот медиумскиот простор, реформите во независното правосудство.

Со нашиот напредок во евроатланските процеси ќе биде потврдена успешната политика на отворени врати на ЕУ и НАТО, ќе се зголеми нивниот кредибилитет и дефинитивно ќе влијае кон зацврстување на мирот, стабилноста, безбедноста и економскиот просперитет во Европа и светот.