Од историјата на светските фудбалски првенства (6): Лорен првиот стрелец, Клозе најефикасен

лусиен лорен , стрелец на првиот погодок на светските првенства

На досегашните дваесет светски фудбалски првенства постигнати се повеќе од 2.300 голови, а повеќе од 1.200 играчи се запишале меѓу стрелците.

Како прв стрелец во историјата на фудбалските мундијали се запишал Французинот Лусиен Лорен кој на првенството во 1930 година во Уругвај постигнал погодок за својата национална селекција против Мексико во победата од 4:1.

Рекордерот според бројот постигнати голови е германскиот напаѓач Мирослав Клозе кој постигнал 16 голови. Клозе, кој со 24 дуели е втор со меч помалку зад својот сонародник Лотар Матеус, настапи на четири мундијали, односно има просек од 0,67 голови по мечот.

Клозе во својот дебитантски настап на светските првенства постигна „хет-трик“, а сите свои три гола во победата од 8:0 над Саудиска Арабија ги постигна со глава. Тоа светско првенство во 2002 година Клозе го заврши со пет погодоци, а Германија стаса до финалето.

Четири години подоцна, кога во 2006-та Германија беше домаќин, Клозе повторно постигна пет голови, а тоа му беше доволно да дојде до титулата најдобар стрелец на мундијалот. Но Германија беше запрена во полуфиналето и на крајот го зазема третото место.

На првенството во Јужна Африка во 2010 година, Германија повторно беше третата, а Клозе постигна четири голови. На последниот мундијал во Бразил пред четири години Клозе постигна два гола што му беше доволно да го мине Бразилецот Роналдо кој постигна вкупно 15 голови.

Клозе во 2014 година постигна гол во групната фаза против Гана (2:2), и во полуфиналето против Бразил (7:1). Еден месец по освојувањето на светската титула, Клозе се прости од репрезентацијата за којашто постигнал вкупно 71 гол и е најдобар стрелец во историјата пред легендарниот Герд Милер кој има постигнато три гола помалку.

Зад Клозе на листата голгетери на мундијалите покрај Роналдо следи и Милер со 14 голови, а четвртото место на листата на сите времиња засега го зазема Французинот Жис Фонтен, а тој сите свои 13 голови ги постигна на еден турнир, оној во 1958 година во Шведска на кој Франција беше третопласирана.

„Кралот на фудбалот“, Бразилецот Пеле, кој настапи на четири светски првенства и освои три титули, со 12 голови е петти на оваа листа.

Од фудбалерите коишто ќе настапат во Русија, најмногу голови постигнал Германецот Томас Милер – десет погодоци.

 

Листа на стрелците на СП на сите времиња:

 

16 – Мирослав Клозе (Германија)

15 – Роналдо (Бразил)

14 – Герд Милер (Германија)

13 – Жис Фонтен (Франција)

12 – Пеле (Бразил)

11 – Јерген Клинсман (Германија), Шандор Кочиш (Унгарија)

10 – Габриел Батистута (Аргентина), Гери Линекер (Англија), Хелмут Ран (Германија), Теофило Кубиљас (Перу), Гжегорж Лато (Полска), Томас Милер (Германија).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.