Македонија

Од јуни за 25 отсто ќе порасне износот за додаток за лицата со Даунов синдром

Од јуни за 25 отсто ќе порасне износот за додаток за лицата со Даунов синдром

Лицата со попреченост се луѓе кои му припаѓаат на општеството и со кои го делиме секојдневието. Денеска како Светски ден на лицата со Даунов синдром, важно е да се напомене дека и овие лица имаат исти права како и останатите, и тоа право на живот, на напредување и на споделување на исти вредности како и сите други. Разликите означуваат само различни потреби, и никогаш не треба да бидат повод за дискриминација.

Државата преку министерството за труд и социјална политика спроведува низа мерки и проекти наменети за нив, со кои суштинско значење се дава на соработката со невладините организации и здруженија кои ги застапуваат. Секако во овој контекст спаѓаат и лицата со Даунов синдром.

Со мерките кои се спроведуваат од страна на државата е на лицата со Даунов синдром да им се овозможи право на посебен додаток, како и подобрување на финансиската состојба на материјално необезбедени родители корисници на социјална парична помош и постојана парична помош кои имаат дете кое има пречки во телесниот или менталниот развој или комбинирани пречки во развојот до 26 години живот, ќе се зголеми износот на посебниот додаток за 25% од 1 јуни 2015 година.

Со подршка Уницеф, се спроведуваат обуки за работа со деца со попреченост, во детските градинки каде бројот на овие деца е најголем. Пристапот кон децата со попреченост вклучувајќи и децата со Даунов синдром од најрана возраст, во голема мера ја гради сликата за нив и за нивните капацитети, и нивната прифатеност во заедницата.

Правото на исполнето детство го имаат и овие дечиња, од таа причина се пристапи кон изградба на седум инклузивни игралишта а планирано е да се изградат уште три.

Скоро беше отворен Центар за Даунов синдром во Битола, со подршка на министерството за труд и социјална политика, кој треба да им овозможи развој на социјални и когнитивни вештини на децата со Даунов синдром, но и да обезбеди подршка на родителите преку континуирани обуки за постапување со овие деца.

Во однос на правата на лицата со Даунов синдром се пристапува мултиресорски и партнерски меѓу здруженијата кои ги застапуваат и соодветни институции. Токму затоа се спроведуваат иницијативи во образованието, здравството како и воведување на електронска евиденција на лица со попреченост.

Одговорноста кон лицата со Даунов синдром лежи во секој од нас. Секој со своето однесување, со немањето предрасуди, со потготвеноста да ги прифати и подржи, гради мост на заедништво.