Од кои балкански земји македонските туристи се најнезадоволни?

Одморот кој во вистинска смисла треба да претставува тоа, за многумина кои ќе се одлучат да заминат на „непроверени“ дестинации или места за кои има поделени мислења, истиот може да се претвори буквално во пекол. Секако дека луѓето имаат различни вкусови, перцепции и критериуми за тоа што е добар или лош одмор, но на крајот на краиштата најмногу зависи од длабочината на џебот, колку сте прошетале и виделе за да знаете да направите споредба и кои се вашите барања и очекувања.

Секое лето, вообичаено има по некоја приказна од незадоволни туристи од одредени дестинации. Иако тоа се сведува на лично искуство, ако истото се повторува кај повеќе поединци тоа сепак значи дека перцепцијата дека нешто не е во ред, е на место.

Годинава, за разлика од минатите години, немаше некои поекстремни случаи на незадоволни туристи од одредени дестинации. Изминатите години, истите се однесувале на поплаки од услуги на туристички агенции, неисполнети ставки од договор и слично.

Но, во однос на дестинација од која има најмногу поплаки за одмор, тоа е Албанија. Барем според она што може да се прочита од искуства на луѓе кои пишуваат по интернет форуми и по социјалните мрежи. Во оваа насока беше и вчерашниот текст на една Македонка кое своето искуство со Албанија го сподели со јавноста. Во него се наведува незадоволството од патот, искуството со сместувањето кое не е така евтино како што се претставува, и за она што нуди, капацитетот на Ксамил како туристичко место, пренатрупаноста со плажите, односот кон нејзе како турист.

Овие негативности на Албанија како туристичка дестинација, ги наведуваат и други туристи од Македонија, кои пишуваат по форуми. Но, има и такви кои со сите сили ја бранат оваа земја како погодна туристичка дестинација. Иако, за вкусовите не се расправа, сепак стои фактот дека во овој наш сосед нема нормални патишта, истите не се безбедни, капацитетот на туристичките места е мал за да ги прими сите туристи, плажите се пренатрупани и валкани, и се уште мештаните ниту добро зборуваат некој странски јазик, ниту пак имаат развиено добар сенс за туризам.

Годинава, негативно искуство со одмор имаа и млади  штипјани во Црна Гора. Станува збор за изолиран случај, но сепак се вратија од одмор кој сакаат што побргу да го заборават. Во Будва, непознати лица им го разбиле станот во кој биле сместени и им ги украле пасошите и парите кои си ги носеле за својот годишен одмор. Но, голготата не застанала овде, бидејќи освен парите и пасошот им бил украден и автомобилот со кој заминале на одмор.

Штипјаните велат дека не биле задоволни од односот на црногорската полиција, поточно од нивната незаинтересираност да го решат случајот и се однесувале како ништо да не се слуичло. Со издадениот документ од полиција со која се потврдува дека пасошите им се украдени, имале проблем и на косовската граница.

Негативно искуство Македонците имаат и со хрватските граничари кои за време на туристичка сезона на граница им бараат кеш од 50 или 100 евра од ден. Ќе остане запаметен и случајот на оној несреќен Македонец кој беше протеран од Хрватска, бидејќи на плажа „претепал“ фока, животно заштитено со закон и живее на плажите во Пула. Подоцна се испостави дека не само што не ја претепа, како што надуваа хрватските медиуми, туку едвај успеа и да ја допре.

Бугарија главно се промовира како дестинација за младите, со забавен ноќен живот и евтино сместување.Повозрасните најчесто се жалат на морето, на чиишто плажи најчесто има црно знаме поради високите бранови кои се честа појава на бугарските плажи. Споредбено со Јадранско, Егејско и Јонско море па и Црно море не е на некој глас дека е убаво море.

Во Грција пак, каде што најголем дел од македонските граѓани летуваат, 42 нашинци пријавиле оштетувања, од кои 32 се кражби на регистарски таблички. Предничи туристичкото место Ханиоти каде што досега се евидентирани 13 кражби и малиот град Неа Пори – 6. По однос на оштетените возила бројката на вакви настани сега нарасна на седум случаи.