Од Македонија не се реекспортирале европски земјоделски производи во Русија

Македонската Влада ги достави сите потребни информации до Руската Федерација во врска со извозот на земјоделски производи во оваа земја, соопшти владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

– Целокупниот предмет беше комплетиран и во понеделникот преку Министерството за надворешни работи и македонската Амбасада во Москва е предаден на федералната служба за фитосанитарен и ветеринарен надзор на Руската Федерација во соодветна процедура. Во него се содржат определени позиции, ставови, мислења, аргументации и одговор на барањата што ги имавме од страна на Руската Федерација. Тие се доставени и во моментов трае процесот на комуникација и консултација со руската страна -рече Ѓорѓиев.

Руската Федерација пред една недела изрази сомневање дека македоснки компании извезува овошје и зеленчук од ЕУ во Русија.Беше побарано македонските институции да достават документација за да се утврди дали сомневањето е точно.

Владата по руската реакција ги задолжи Министерството за финансии, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за храна и ветеринарство, Фитосанитарната управа, Државниот инспекторат за земјоделство да испитаат што се случувало со извозот во Русија.

Владата, како што изјави министерот за економија Беким Незири, на вчерашната седница го разгледала извештајот на институциите и утврдила дека немало реекспорт на овошје и зеленчук.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.