Од март започнува реконструкцијата на железничката делница Куманово- Бељаковце

Со потпишување на договор меѓу Јавното претпријатие МЖ Инфраструктура и германската компанија „Вибе“ се официјализираше првата фаза од реконструкцијата на делницата Куманово- Бељаковце, чија реконструкција ќе започне во март следната година.

„Со потпишувањето на договорот се создаваат услови градежните работи да почнат најдоцна до 17-ти март“, рече денеска министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Првата фаза опфаќа проектирање на пруга во должина од 31 километар со сите објекти и тоа три странични згради, четири стојалишта, три мостови, една тунелска цевка, осум подвозници и шест надвозници, 31 километар отворена пруга, пет километри странични колосеци…

Според Волфганг Кортен, претставник на германската компанија, целта е да се остават што е можно повеќе пари во државата при реализација на овој проект, преку ангажирање на локалното населени и компании.

„Нашата цел како компанија е да оставиме што е можно повеќе пари во државата. Ќе се насочиме кон тоа материјалите да ги набавиме од вашата држава и да ангажираме локално население да работи на проектот“, рече тој.

Првично, за реализација на оваа фаза биле проектирани 45, но сега се потрошени 39 милиони евра, додека за другите две фази се проектирани средства во висина од 144 односно околу 350 милиони евра.

Предвидено е првата фаза да биде завршена за 30 месеци, односно до третиот квартал на 2016 година.