Македонија

Од Музејот украдени и златните обетки што ги красат банкноти од 500 и 1.000 денари

Од Музејот украдени и златните обетки што ги красат банкноти од 500 и 1.000 денари

Артефактите кои се од непроценлива вредност, а кои ги красат и македонските банкноти од 500 и од 1.000 денари се меѓу исчезнатите предмети од Музејот на Македонија, дознава „Дневник“.

Станува збор за исклучително важни предмети кои немаат само археолошка вредност, туку и голема културно-историска важност за земјата со оглед на фактот дека биле издвоени како предмети да бидат поставени на аверсот и на реверсот на македонските банкноти.

Не е познато каде се наоѓаат овие артефакти, дали се во Македонија или се продадени и прошверцувани надвор од земјава со оглед на фактот дека не се знае кој и кога ги зел предметите од Музејот.

Според информациите на весникот, од најмалку 160 предмети за кои постои документација дека се исчезнати од Музејот, истражните органи утврдиле дека недостигаат 4 исклучително важни артефакти. Станува збор за златна обетка со приказ на Ерос и Амор, златна обетка со приказ на гулабица (прикажана на аверсот и на реверсот на банкнотата од 1.000 денари), златна обетка со приказ на лавовска глава и нецелосна златна обетка со чунеста форма, украсена со гранулации и палмети на која од горната страна има сфинга која седи (прикажана на аверсот и на реверсот на банкнотата од 500 денари). Последниот предмет потекнува од ископување од 1964 година од локалитетот познат како Црквиште во битолското село Беранци.

Инаку, претходно во врска со кражбата со соопштение се огласија и кустосите вработени во Археолошкиот музеј при Музејот на Македонија. Од соопштението може да се заклучи дека крадците избирале што ќе украдат, земале само цели предмети, а оштетените ги оставале.

Тие тврдеа дека за збирките во Музејот на Македонија се води потребната документација за музејскиот фонд на предмети и дека благодарение на ваквата евиденција беше можно да се направи и вонредната ревизија/проверка на материјалот, на барање на полицијата, а со која ревизија се утврдија штетите од настанатата кражба.

Сослушани се сите вработени во Музејот за кои полицијата проценила дека треба да дадат исказ, а било реализирано и тестирањето на полиграф за да се утврди вистинитоста на исказите.

„Се’ уште не би оделе со конкретизација на одговорноста, инаку несомнено одговорност треба и мора да има. Се работи за една комплексна активност, која опфаќа многу анализи за кои е потребно време да бидат стручно и професионално спроведени“, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Според неа, голем дел од работата е завршена во делот на тоа кој треба да даде исказ, да биде сослушан и што треба да биде анализирано во Музејот. Сите вработени биле сослушани и дале своја изјава на полиграф, но просторот и понатаму ќе остане ограничен за движење сж додека трае истрагата за кражбата на вредните предмети.

„Лицата што требаше да дадат исказ и да се провери автентичноста и вистинитоста на нивниот исказ преку полиграф е веќе завршена“, рече Јанкулоска.

Засега нема осомничени, но сите изјави на полицијата одат во таа насока дека одговорност за несовесното работење во Музејот мора да има.

Во меѓувреме Музејот е затворен за посетители и е под полициски надзор.

Огромен број артефакти кои никаде не биле евидентирани, не се знае нивното потекло, а ниту вредност, биле пронајдени во канцеларии и во други простории на вработени во Музејот. Ова го утврдиле истражните органи при контролата на Музејот за да се открие кога и каде исчезнале артефактите. Тие биле изненадени кога предметите наместо до депото ги забележале на полиците и на бироата на дел од вработените и на други несоодветни места. Она што е уште почудно е тоа што предметите никаде не фигурирале, односно не биле заведени во евиденцијата како што налагале процедурите. Пронајдени биле и други предмети кои им биле доделени на други музејски институции, а кои сж уште се чувале во просториите на Музејот, пишува „Дневник“.

Неколку илјади археолошки предмети што никаде не се заведени, односно не се фотографирани и соодветно евидентирани биле пронајдени во музејското депо и во други делови од Музејот, дознава весникот од извори од истрагата. Не е познато од кој археолошки локалитет потекнуваат овие предмети бидејќи не биле соодветно документирани како што налагале процедурите. Од разговорите со вработените истражните органи дознале дека во Музејот има цели кутии со предмети на кои не им се знаело потеклото.

Од оние, пак, 160 предмети за кои досега се знае дека се исчезнати за дел не била направена соодветна евиденција, нема евиденциски број или, пак, соодветна фотографија како што налагале меѓународните стандарди за евидентирање музејски предмети со што би се отежнало нивното пронаоѓање. Вработените им посочиле на истражните органи дека и за дел од музејските експонати нема таква евиденција.