Од најавените 14, 13 економски зони се спремни за работа

Две слободни економски зони во Скопје, а по една во Штип, Тетово, Кичево, Струга, Прилеп, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Ранковце, Делчево, Берово и Виница се зоните кои македонската Влада ги намени за странските инвестиции. Засега само четири од нив функционираат и тоа Скопје 1 и 2, Штип и Тетово. Во зоните веќе работат неколку фабрики како Ван Хол, Џонсон Контрол, односно сега Вистон.

Премиерот Никола Груевски во својата официјална посета на Саудиска Арабија најави дека до средината на 2016 година во Македонија во функција ќе бидат пуштени 14 слободни економски зони, од кои четири веќе функционираат, а кај останатите 10 потребно е да се извршат одредени градежни работи.

Владата преку, Дирекцијата за технолошко-развојни индустриски зони (ДТИРЗ), ги подготвува зоните за инвеститорите. Подготовката следи на тој начин што најпрво откако таа ќе се дефинира, се започнува со првата фаза на изградба, односно со асфалтирање на улици и поставување на атмосферска канализација. Потоа се чека одреден инвеститор да донесе одлука за да инвестира во одредена зона за да почне изградбата на втората фаза од адаптација на парцелата.

Од ТИРЗ велат дека градежните работи на втората фаза траат пократко од изградбата на одреден објект за фабрика и затоа тие секогаш со своите градежни работи се готови пред инвестирање.

Оттаму додаваат дека мора да се работи менаџерски и дека не може да се изградат или целосно завршат сите зони наеднаш.

„Бидејќи буџетот ни е ограничен смисливме стратегија преку која нема да ги трошиме сите пари кои се наменети за изградба на зоните наеднаш. Прво ги дефинираме зоните, а потоа ја градиме првата фаза. Во која зона ќе се започне изградбата на втората фаза му оставаме на инвеститорот да одлучи, односно кога одредена компанија ќе донесе одлука да инвестира таа си бира во кој дел од Македонија сака да ја реализира својата инвестиција и на тој начин започнува со реализација на втората фаза“, велат од ДТИРЗ.

По зони, состојбата на терен изгледа вака:

ТИРЗ Скопје 1- Кемет електроникс, Џонсон Мети, Техносе, Џонсон Контрол, Протек, Н&Н Фибер.

ТИРЗ Скопје 2 – Ван Хол.

ТИРЗ Штип- Џонсон Контрол, сега Вистон, како ќе се појави нов инвеститор така ќе се продолжуваат градежните работи до парцелата на која е новата инвестиција.

ТИРЗ Кичево- започната е изградбата на втората фаза до степен таа да стане целосно фукционална. КСС има донесено одлука за изградба на објект. Во моментов компанијата користи браунфилд објкет во Кичево каде се одржуваат вработувањата и обуките за идните вработени.

ТИРЗ Струга- започната е изградбата на втората фаза. „ODW elektrick“ е компанијата која инвестира во оваа зона и во март ќе започне со изградба на објектот во зоната, а во моментов функционера надвор од неа.

ТИРЗ Прилеп- се подготвува тендерската документација за втората фаза. Во оваа зона, компанијата „Гентерм“ минатата недела ја соопшти одлуката за инвестиција. Обејктот во кој оваа компанија ќе работи се очекува следната година да биде пуштен во функција.

ТИРЗ Гевгелија, Струмица, Радовиш, Берово и Виница – целосно е завршена првата фаза од изградбата и во моментов се очекуваат инвеститорите да донесат одлука за инвестирање во нив за да се започне со изградба на втората фаза.

ТИРЗ Ранковце- компанијата „Веибо“ веќе започна со изградба на фабриката во која ќе работи, а во тек е и оглас за продажба на земјиште.

ТИРЗ Тетово- случено е јавно-приватно партнерство меѓу Владата на Република Македонија и компанијата „Нормак инвестмент груп“ со кој е одлучено компанијата која е приватен партнер да ја изгради внатрешната инфраструктура.

Единствена зона во која не се почнати никакви градежни активности е ТИРЗ Делчево. Од ДТИРЗ велат дека оваа зона за две до три недели ќе биде основана, проблемот за „доцнењето“ со основањето бил поради судска постапка за закуп на земјиште. Постапката е завршена и наскоро ќе се започне со реализацијата на првата фаза.