Од ноември почнува изградбата на Ургентен центар во Куманово

Нов најсовремен Ургентен центар ќе почне да се гради од крајот на ноември во Куманово.Центарот, како што изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров, ќе се простира на 750 квадратни метри што ќе ги обедини интернистичките и хируршките ургентни амбуланти и ќе опслужува регион со околу 200 илјади жители.

„Станува збор за комплетно нов објект што ќе биде поврзан со Општата болница во Куманово и ќе се состои од приземје и кат. На приземјето е предвидено сместување на итна хируршка амбуланта, соба за дневна болница, две ортопедски амбуланти, гипс сала, анестезиолошка амбуланта и други придружни простории, додека на катот се проектирани две амбуланти за урологија, една просторија за уролошки интервенции, две хронично хируршки амбуланти, една просторија за интервенции и просторија за компјутерска томографија, како и други придружни простории. Тоа значи дека пациентите на исто место ќе можат да ги добијат сите здравствени услуги и целата потребна дијагностика и третман, рече Тодоров.

Посочи дека просториите се проектирани да опслужуваат што е можно повеќе пациенти, така што итната хируршка амбуланата ќе има дневен капацитетот на опслужување до 80 пациенти, додека ортопедските амбуланти и гипс салата ќе можат дневно да опслужуваат и до 50 пациенти.

ku-urgenten

„Капацитетот на центарот покажува дека бенефит ќе имаат поголем број на пациенти од Куманово и од поширокиот регион, имајќи предвид дека кон Општата болница Куманово гравитираат над 200 илјади жители“, рече Тодоров.

Потсети дека постојниот Ургентен центар во Куманово не е функционален и не е направен по сите стандарди и има само еден сегмент, во делот на интернистички амбуланти, што не е доволно за да функционира како ургентен центар.

– Здравствената инфраструктура е еден од носечките столбови за подобро здравство и инвестициите во здравствената инфраструктура се предуслов за подигнување на квалитетот на здравствените услгуги. Во таа насока е и проектот за изградба на Ургентен центар во општата болница во Куманово со што Куманово и целиот регион ќе добие најсовремен ургентен центар по сите стандарди и ќе се овозможи подобрување на квалитетот и пристапот до здравствени услуги, рече Тодоров.

Инвестицијата, продолжи, е предвидена на околу 48 милиони денари и набавката е веќе објавена, а до крајот на ноември очекуваме да се склучи договор и да се отпочне со градежни работи. Градежните работи, согласно договорот, е предвидено да завршат за 15 месеци.

Потсети дека Министерството за здравство моментално инвестира во комплетна реконструкција на болниците во Битола, Прилеп, Велес, Кичево, специјалната болница „Св. Еразмо“ во Охрид, а во тек се и градежни работи во општата болница во Струмица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.